Универзитетскиот професор Дејан Трајковски направи уште една анализа за ковид состојбите во Битола, ви ја пренесуваме во целост.
Во Битола, како по некаков точен ред на возење продолжува експоненцијалното намалување на дневниот број на случаи (црвената линија на првиот дијаграм) и израмнувањето на кривата на вкупниот број на случаи (сината и црвената крива на вториот дијаграм). Просечниот дневен број на случаи од максималните 56, на почетокот на декември, опадна на само 10 на почетокот од јануари, што е намалување за 82%
Просечниот број на дневно починати исто така се намали од 3,3 (неделата околу 18 ноември) на само 0,57 последнава недела, што е намалување за 83%.
14-дневната кумулативна инциденца на 100.000 жители, којашто многу блиску го следи реалниот број на активни случаи (кога автоматски би се затворале после 14 дена, како во многу држави) бележи исто така рапидно намалување, како што се гледа на четвртиот дијаграм. Од максималните 721 нови случаи за 14 дена на 100.000 жители на почетокот од декември дојдовме до само 182 на 100.000 жители на почетокот од јануари - намалување за 75%. Доколку не беше второто скратување на работното време на кафеаните, падот ќе беше веќе подзабавен, но вака продолжуваме со истото темпо надолу.
Слично како и на државно ниво, во последно време и во Битола започна извесно натрупување на незатворени активни случаи. Наместо да се затвораат автоматски после 10 дена (кај асимптоматските) и 21 ден (за симптоматските), односно пондериран просек од 18,5 дена, моментално се затвораат просечно после 24 дена. Затоа имаме нереално висок број на активни случаи (зелената линија на вториот дијаграм), дури 512, иако реалниот број е околу 324. Имено, толку би имале кога ажурно би се затвориле според алгоритмот за затворање, после просечно 18,5 дена.
Петтиот дијаграм, фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи) е многу важен бидејќи на едно место следиме како вкупниот број на случаи сé побавно расте (на хоризонталната оска), при сé побрзо намалување на бројот на активните случаи (на вертикалната оска). Сината линија ги прикажува досегашните официјални бројки, додека црвената (првите 8 точки) ги прикажуваат реалните бројки до денес, а продолжението на кривата го дава предвидувањето според моделот на експоненцијална регресија, со просечно темпо на намалување на бројот на новите случаи од 5,2% на ден, односно време на преполовување од 13 дена и просечно време до затворање на случаите од 18,5 дена. Тука убаво се гледа дека денес би требало да имаме околу 324 случаи, а до 20.01.2021 бројот на активни случаи би требало да се намали на само 132, под услов да се фати чекор со затворањето на случаите според алгоритамот. Вкупниот број на случаи до тој ден би достигнал околу 3180, а дневниот број просечно само околу 5 нови случаи.
Ситуацијата изгледа прилично добро, ама не смееме да заборавиме дека ова намалување е поради рестриктивните мерки и дисциплината, а во многу помала мерка поради прележувањето (коешто е повеќе од двојно помало отколку во Штип).
За неколку дена би требало 14-дневната кумулативна инциденца да опадне под 120 на 100.000 жители, односно би требало да ја напуштиме зоната на многу висок ризик од ширење на епидемијата, согласно еден од критериумите на ECDC. Според 14-дневната стапка на морталитет и стапката на позитивни тестови (за која не знаеме колкава е во Битола, но сигурно е над 5%), ќе останеме во зоната на многу висок ризик уште извесно време. Ќе биде вистинско чудо ако кај нас не пристигне британскиот сој на корона вирусот, кој до сега се раширил во најмалку 37 земји надвор од Велика Британија. Овој сој инаку има многу повисок базичен репродукционен број R0, за разлика од нашите „одомаќени“ соеви, односно многу полесно се пренесува и сегашните мерки можеби нема да бидат доволни.
Ако подвлечеме црта, останува потребата за строго почитување на мерките, особено во кафулињата како најкритични места за ширење на заразата.