2win800x200

Трајковски-Растат бројките на новозаболени во Битола, побргу од очекуваното

Февруари 10, 2021

 Најновата анализа на професорот Дејан Трајковски за ковид состојбата во Битола. 

Не само на државно ниво, туку зголемувањето на дневните бројки започна да се забележува веќе и во Битола, дури побргу отколку што очекувавме. Промената на трендот е дотолку позабележлива бидејќи во Битола бројките беа прилично опаднати, па процентуалното зголемување на дневните бројки на нови случаи дури е поголемо отколку на ниво на Македонија. Можно е тоа зголемување да се должи и на пристигнувањето на британската варијанта на вирусот B.1.1.7.
Според сите индикатори е очигледно дека Битола до сега со епидемијата подобро поминувале во однос на Македонија како целина. Речиси цело време 14-дневната кумулативна инциденца (зелената линија на првиот дијаграм) била пониска од државниот просек (црвената линија), освен еден краток период околу пикот на ноемврискиот бран.
На вториот дијаграм, пак, ја гледаме кумулативната инциденца, односно вкупниот збир на случаи од почетокот на епидемијата на 100.000 жители. Добро се забележува дека во Битола цело време бројките биле пониски, а после ноемврискиот врв на епидемијата битолската крива многу убаво се зарамнуваше, иако последниве денови веќе искачува рамномерно, со тенденција на забрзување. На државно ниво израмнувањето беше многу послабо, а наскоро ќе видиме како стрмината се повеќе ќе расте како што ќе се зголемува пропорцијата на британскиот сој на вирусот.
На третиот дијаграм се прикажани дневните броеви на нови случаи во Битола, заедно со седумдневната подвижна средина (зелената линија). Ако во изминатите два месеци зборувавме за експоненцијално намалување, сега одново започнуваме да анализираме експоненцијалното зголемување (црвената линија). Моментално времето на дуплирање на дневниот број на случаи изнесува 20 дена и истото најверојатно ќе се скратува како што ќе зема замав британскиот сој на вирусот.
Конечно, на четвртиот дијаграм гледаме еден хистограм - споредба на зачестеностите на дневните броеви на случаи во Битола и Македонија, дистрибуирани по класи. Статистичкиот хи-квадрат тест, со кој што утврдуваме сличност или разлика на дистрибуциите кажува дека двете дистрибуции статистички значајно се разликуваат (хи-квадрат статистиката изнесува 10,08, што е повеќе од 9,49, критичната вредност со 5% ниво на ризик и 4 степени на слобода). Уште еднаш се потврдува, сега веќе на доволно голем статистички примерок, дека однесувањето на населението во Битола, односно придржувањето до мерките било значително подобро отколку во остатокот од државата, што впрочем се гледа и со голо око од првите два дијаграми. Да се надеваме дека така ќе остане и во претстојниот бран. Ќе мораме да бидеме дури и повнимателни, поради пониската стапка на прележаност (серопреваленција), како и повисоката стапка на леталитет во однос на остатокот од државата, што веројатно се должи на поголемата старост на населението во пелагонискиот регион.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани