Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ во Битола ги презентираше резултатите од извештајот за Проценка на ранливи области на корупција на локално ниво, кој е подготвен во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Проценката на ризиците од корупција се користи како превентивна алатка за подобрување на управувањето со конкретна јавна институција, сектор, проект или процес. На јавната дебата присуствуваше и градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, која истакна дека клучот лежи во контролните механизми на корупцијата.
„Судската власт треба да носи суд, дали соодветните закони се почитуваат. За жал, најголемата недоверба кај граѓаните е во судството, бидејќи немањето разрешница значи недоверба кон оваа инстанца. Исто така, со сајбер демократијата имаме извитоперување на вистината, која потоа тешко се докажува“, рече Петровска.
Пред присутните се обрати секретарот на општината Слободан Најдовски, кој ги појасни начините и методите за сузбивање на корупцијата во локалната администрација.
„Постојат одредени законски рамки кои оставаат простор за манипулации, особено кога станува збор за јавните набавки. Но ова е сензитивна тема и бара поинаков пристап при анализирањето. Општина Битола со години наназад е на врвот на транспарентноста, што е наша целосна залоќба со градоначалничката Петровска, а тоа се постигнува ако не се мешате во јавните набавки, ако одговорното лице за јавни набавки се придржува исклучиво на законот како што е кај нас, ако при издавањето на најразлични одобренија, решенија и друго нема привилегија и ако сето тоа транспарентно го работите“, посочи Најдовски.
Извршниот директор на Асоцијација за демократски иницијативи АДИ, Лулзим Хазири, посочи на дека околу 80% од граѓаните во петте општини опфатени со истражувањето сметаат дека корупцијата е зголемена во споредба со периодот пред 10 години.
Свое излагање имаше и експертот Марија Димитровска, која рече според распростанетоста на корупцијата по области, граѓаните од Битола сметаат дека судството е најкорумпирано, а според нив медиумите и обвинителството се главните фактори кои може најмногу да придонесат во борбата против корупцијата.
Одржаната дебата е петта по ред и последна за споделување на наодите од проценката на ранливи области на корупција на локално ниво. Во рамки на проектот досега беа спроведени четири јавни дебати и тоа во проектните општини Гостивар, Куманово, Кавадарци и Штип.