АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Родителите кои се противат на воведувањето дигитални учебници, здружени во иницијативата „Учебници и настава мора да има“ најавија протести, затоа што МОН не им го прифати барањето за повлекување на законот. В сабота ќе организираат поголем протестен марш во Скопје, а истовремено ќе има демонстрации и во други градови низ државата. Од иницијативата велат дека ќе покренат и барање за референдум против законот за учебници.
„Се потрудивме да предложиме решенија на измени на законот за да има реформи по мерка на ученикот, но надлежните се глуви на нашите барања. Сакаат преку демагогија да ни наметнат реформи што не се во интерес на нашите деца. Покренуваме иницијатива за стопирање на овој закон со протести, а потоа иницијатива за референдум против законот“, изјави Драгана Спасевска од иницијативата „Учебници и настава мора да има“.
Спасевска најави дека ќе прекинат со бојкот на наставата, затоа што поголем дел од родителите и учениците сакаат последните денови од учебната година да ги искористат за да ги поправаат оценките.
Од МОН повторно потенцираат дека нема да го повлечат законот за учебници затоа што е квалитетна реформа која ќе се воведува етапно и нема да значи целосно укинување на печатените учебници.
„Новиот Закон за учебници е нешто што јавноста го бара подолго време бидејќи досега имавме неквалитетни учебници, полни со дискриминирачки и неточни содржини. Сега се дава можност за избор помеѓу три учебници, односно се прави демонополизација на печатењето на учебниците. Истовремено се воведуваат инклузивни учебници, односно аудиоучебници и учебници испечатени на Брајовото писмо“,соопштија од МОН
Претставници на иницијативата „Учебници и настава мора да има“ минатата недела беа примени на средба во МОН, на која испорачаа повеќе барања, меѓу кои и да се исфрли родово сензитивната содржина од учебниците, како и да не се спојуваат повеќе предмети во еден.