АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со цел на едно место граѓаните да добијат повеќе услуги од дражавните институции, во Битола денес е отворен центар за јавни услуги „Една точка за услуги”, проект на Министерството за информатичко општество и администрација. На овој начин треба да се поедностави пристапот на граѓаните до вкупно 64 услуги на Министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
„Во „Една точка за услуги“, граѓаните ќе можат да добијат 64 дигитални услуги, како што сега со градоначалничката извадовме потврда за стаж. Услугите ни се поврзани и со други министерства и институции, а јас како министер ќе настојувам да се зголеми тој број. Секојдневно ќе продолжиме да работиме и да ги надоградуваме услугите за граѓаните“, рече на отворањето на оваа канцеларија министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.
Градоначалничката на Опшина Битола Наташа Петровска рече цените на услугите кои граѓаните ќе ги добиваат се исти како и во соодветните институции, а дел од услугите се и бесплатни.
„Поводот е навистина значаен за олеснување на услугите кон граѓаните во добивање на низа документи. Денешниот настан во кој локалните самоуправи можат да се вклучат интероперативно во овие системи и да ги олеснат и совите постапки на делување, но да го олеснат и пристапот на граѓаните. Ова потврдува дека станува збор за едно време во кое што оваа држава со оваа власт и овие политики прави сериозен исчекор во дигитлизацијата за услуги кон граѓаните и во насока на препознатливост во светски рамки како треба да функционира едно општество“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Канцеларијата се наоѓа во Безистенот во Битола, на влезот кој е наспроти комплексот Шехерзада.