АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонија стана член на PPCA Алијансата (Powering Past Coal Alliance) за време на Лондонската недела за климатски акции и заедно со Шпанија се обврзаа да го напуштат производството на електрична енергија од јаглен до 2030 година.
“ Одлуката на Северна Македонија да се придружи на клубот европски земји кои ќе го напуштат производството од јаглен до 2030 година го подвлекува фактот дека Парискиот договор за климатски промени стана норма за европските земји”, рече Махи Сидериду, извршен директор на “Европа без јаглен”. Тој додаде дека влезот на Северна Македонија во оваа група е особено значаен бидејќи се работи за првата земја од Западен Балкан што се обврзува на напуштање на јагленот.
Енергетската транзиција на земјата е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и на АД ЕСМ. Енергетскиот стратешки план е една од точките на Акција 21 и на Интервентниот План за инвестиции 2021-2027.
Минатиот месец АД ЕСМ потпиша договори за јавно – приватно партнерство за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мегавати во вредност од 70 милиони евра, што претставува една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија.
Паралелно, во различна фаза на реализација е изградбата на уште две фотонапонски централи од 20 MW, со што во Осломеј целосно се супституира производството од струја од јаглен. Тоа е прв пример во Југоисточна Европа, за што Европската енергетска заедница испрати и писмо за поддршка.
Што се однесува до Ветерниот парк Богданци, во тек е проектот за зголемување на неговиот производствен капацитет на 50 MW, а Парк на ветерници ќе се гради и кај Миравци.
Според сите релевантни меѓународни организации Северна Македонија е на врвот на листата земји од регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само минатата година, производството на енергија од обновливи извори во државата е зголемено на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1%.
Резултатите од енергетската транзиција на Северна Македонија изминатата година се потврда за успешниот ангажман на Владата и на АД ЕСМ за инвестиции во “зелена” енергија, заштита на животната средина преку праведна транзиција.