АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со жива староградска музика денес беше пречекан министерот за земјоделство Арјанит Хоџа во ЗК Пелагонија на Денот на жетвата. Како домаќин него го пречека Цветан Панделески, претседател на Одборот на директори на копмпанијата. Во Пелагонија денес комбајните од земјоделскиот комбинат ги покосија првите класје жито со што и официјално се означи почетокот на жетвата.
Министерот за земјоделство рече дека ова е родна година и дека очекува богата жетва. Се очекува просочен принос од 3200 до 3500 килограми по хектар или вкупно 260 000 тони пченица. Годинава за седум проценти зголемени се површините под лебно зрно за разлика од лани, односно вкупно со жито беа засеани 79 000 хектари.
На новинарско прашање дали производителите на пченица ќе бидат заштитени во однос на цената, министерот за земјоделие Арјанит Хоџа изјави апсолутно да, но не се впушти во лицитација со цени.
-Јас ќе бидам во постојана комуникација, како што сум со другите подсекторски групи цело време и мислам ќе успееме да обезбедиме добар однос меѓу производители и откупувачите. Не би можел да кажувам цена, бидејќи тоа е работа на договор, слобода на пазарот, но верувам дека ќе има задоволителна цена од двете страни, рече Хоџа.
За следната недела најави состанок со производителите и откупувачите на жито и рече дека нема да се дозволи намалување на откупната цена на сметка на тоа што државата им дава субвенции на жетварите . .
- Цените на житото на берзата на светско и регионално ниво растат, тоа и тука треба да биде тренд. И тука самите производители да ги добијат тие и слични цени. Што и да преземаме ние како држава и Министерство во делот на субвенционирање, тоа не треба да се сфати за намалување на цената од страна на мелничарите кон земјоделците. Треба да бидеме што поконкурентни на самиот пазар во регионот, но и пошироко, но нема да дозволам за било која субвенција што ќе се дава во државата тоа индиректно да се рефлектира во намалување на цената на житото, посебно на пченицата, порача министерот Хоџа.