АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ДЕНЕШЕН ДЕН, 28 ЈУЛИ 1943, во Битола е убиен Стево ХРИСТОВСКИ–Патако, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден во Битола на 4 јануари 1921 г. Член на КПЈ од пред Втората светска војна и има забележителна активност во редовите на прогресивното македонско работничко-синдикално движење во Битола. Извесно време секретар на Месниот комитет на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Особено успешен во организирањето на младината што учи во Битолската гимназија.
Од септември 1942 година член на Месниот комитет на КПЈ за Битола, одговорен за младината и СКОЈ, и за функционирањето на партиската техника. Член и на Окружниот комитет на КПЈ за Битола. Учествува во редактирањето и диструбуцијата на битолскиот илегален партиски весник. Бугарската окупаторска фашистичка полиција кон крајот на 1942 година го апси и откако не успеа да изнуди никакво признание со жестоките физички тортури во битолскиот истражен затвор, го интернира во Кавала, во Егејскиот дел на Македонија.
Во 1943 година, бугарската власт го врати назад во Битола како судски сведок, но успеа да побегне на битолската железничка станица и да продолжи илегално да живее и дејствува. Откриен и обиколен од бугарската полиција, вооружено им се спротистави, но откако увиде дека борбата против далеку побројниот непријател е осудена на неуспех, со последнот куршум се самоуби и не дозволи да биде жив заробен.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар