АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Полицијата го утврди идентитетот на разбојникот кој вчеравечер прво извршил разбојништво и кражба во колонијална продавница во Битола, а подоцна во престрелка со припадници на полицијата бил ранет и пренесен во Клиничка болница-Битола на лекување.
Од СВР-Битола потврдуваат дека станува збор за лицето Д.Ј. (32 г.) од Скопје, кој времено престојувал во Битола, во куќа на улица „16-та“, каде и се сокрил по извршеното разбојништво и кражба на производи, пари и мобилни телефони од продавница во Битола.
При обид да се изврши претрес во ноќните часови, осомничениот не сакајќи да излезе од помошната просторија што се наоѓала во дворот на куќата, почнал да пука во полициските службеници при што било употребено огнено оружје и од страна на полицијата. Околу 1:50 часот осомничениот пукајќи се обидел да избега од помошната просторија во дворот, на што било возвратено од страна на полициските службеници и истиот бил совладан. Во престрелката осомничениот се здобил со прострелни рани во пределот на нозете и е пренесен во Клиничката болница во Битола на лекување со возило на Итна медицинска помош што било присутно цело време додека траела акцијата за приведување на разбојникот, потврдуваат од СВР-Битола.
Надлежниот јавен обвинител изврши увид на местото на настанот и издаде наредби за обезбедување на материјални траги. Во тек е прибирање на останатите докази.