АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Учениците од Основното училиште „Елпида Караманди“ од Битола денес во Пациото на битолскиот Завод и музеј твореа под инспирација и во присуство на битолски уметници. Работилницата “Учениците творат заедно со уметниците“ под раководство на графичкиот уметник Владо Ѓорески и одделенската наставничка д-р Фанче Јошевска имаше за цел децата да се запознаат со делата на битолските уметници, а потоа да творат под нивна инспирација на отворено, надвор од училниците.
Учениците од II в одделение прво имаа едночасовна посета на Галеријата за современа уметност каде се запознаа со дела од битолски сликари , се инспирираа од нивното творештво, добија одредени податоци и врз основа на нивните иснпирации создадоа свои творби со акрилни и темперни бои.
„Во денешно време, а и во изминатиот преиод, сѐ повеќе слушаме за она што значеше Битола во минатото, Битола која ја нарекуваме со гордост град на конзулите, на клавирите, на уметноста, но сето тоа на некој начин останува само на зборови и сеќавање со носталгија на едно време без при тоа нешто конкретно да се спроведе, одредени активности за на некој начин да се врати барем кај најмладите она што значи традиција, култура на Битола и катактеристиките што таа го имала во минатото“, рече наставничката Јошевска.
Работилницата се одржа со поддршка на директорката на ОУ „Елпида Караманди“ Татјана Дамчевска, а Пациото во кое битолскиот Завод и музеј дозволи да творат децата, беше одлично место за инспирација под влијание на традицијата и битолското минато.
„Учениците да ги извадиме од училишните клупи, да сфатат дека творештвото не може да биде само дел од она што значи училница или училиште, да сфатат дека не треба да робуваат ниту на формата, ниту на бојата, туку треба да се ослободат и да ја развиваат својата креативна и слободна мисла. Да сфатат дека уметноста не е привилегија само на одредени талентирани личности туку секој од нас има одредени елементи на талентираност“, рече Јошевска.