АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 20 април, во 1982 година во Скопје, починал Ацо ШОПОВ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, поет и преведувач, есеист и литературен критичар, академик.
Роден бил на 20 декември 1923 г. во Штип. Бил член на СКОЈ од 1940 г., а на КПМ од 1943 г. Бил борец во Шарскиот партизански одред, па во партизанскиот баталјон „Орце Николов" и во Третата македонска НО бригада, како и раководител на агитационо-пропагандото одделение и уредник на весникот „Огин“. Во пролетната офанзива во јуни 1944 г. бил ранет. Од втората половина на 1944 г. станал претседател на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ).
По ослободувањето се ангажирал во развојот на македонската култура и издаваштвото. Бил главен уредник и директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, главен уредник на списанијата: „Иднина“, „Нов ден“ и „Современост“. Бил претседател на Друштвото на писатели (ДПМ), член на Македонскиот ПЕН-центар и ја раководел Републичката комисија за културни врски со странство. Бил претседател на Сојузот на литературните преведувачи на Југославија. Од 1972 до 1976 г. бил амбасадор на СФРЈ во Сенегал. Бил член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 г., а бил и дописен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ). Бил пратеник во Сојузното собрание на СФРЈ.
Со својот интимизам му ги отвори вратите на македонскиот поетски израз кон модернизмот. Неговата поезија била препеана на повеќе странски јазици, бил носител на многубројни општествени и литературни награди и признанија.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
Очи – Ацо Шопов
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.
Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.
Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.
Последната вечер в планинското село,
кај борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапал тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена реја
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку, – сал неколку души…”
И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со лунјени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молнји!
Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи чашкум челичните зрна…
И после! И после – в последната вечер…
јас нејќам да мислам што потаму стана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.
А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.
А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица…
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.