Доскорешниот директор на ЈП „Нискоградба“ Битола, Методи Силјановски јавно даде отчет за состојбите во претпријатие и што им остава на наследниците од актуелната локална власт. Силјановски вели наследив долг, оставам финансиско стабилно претпријатие.
Пишувањето на Силјановски ви го пренесуваме во целост.
Чувствувам потреба по завршувањето на мандатот да ја известам јавноста за состојбите кои ги наследив во Нискоградба, за начинот на кој беа решени, и во каква состојба го оставам претпријатието.
На функцијата стапив на 27.12.2017 година, како вработен раководител на припрема и во сите овие години, работев во интерес на претпријатието и на градот, се со цел да направиме финансиско стабилно претпријатие, кое ќе работи во интерес на сите граѓани.
2017 година, Нискоградба заврши со загуба од 32.000.000 денари, со вкупен кредит од Стопанска банка од 23.000.000 денари и обврски према добавувачи од околу 15.000.000 денари.
Јасно е за секој, дека бројките беа лоши, и не даваа надеж дека фирмата може да оди напред.
За четири години заедно со сите вработени, успеавме обврските да ги намалиме на 7.000.000 денари, загубата ја претворивме во добивка, а кредитот го донесовме до 2.400.000 денари, и Нискоградба во овој момент, е финансиско стабилно претпријатие.
Платата на вработените ја поткренавме на два пати, еднаш 5%, и уште еднаш 7,7%, со што се обидовме да го следиме трендот на зголемување на платите на државно ниво.
Во сите овие години успеавме да го обновиме и возниот парк и да набавиме од сопствени средства: едно теренско возило, две товарни повеќе наменски возила за превоз на патници и стока, Трактор со приколка и плуг за снег, ГПС инструмент, Мини багер за ископ и плуг за снег и на наменската сметка оставени се 100.000 евра, добиени од Министерството за локална самоуправа, за набавка на Камион со посипач и плуг за снег.
Се трудев во сите овие години, Нискоградба да изгради бренд на добра фирма, чесно работење и одговор на сите потреби на граѓаните. Моето мислење е дека успеав и му пожелувам на мојот наследник да продолжи по истиот пат и да го надоградува направеното.
На крајот, би сакал да им се заблагодарам на сите мои соработници, на Либерално-демократската партија за укажаната доверба да ја водам Нискоградба, за соработката со Општина Битола, а најмногу на фамилијата која имаше разбирање за сите мои отсуства и долги телефонски разговори.