АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Изронети фрески, распукани тавани, ѕидови и подови, срушени делови од конаците… Земјотресите што два дена дрмаат во Битолско предизвикаа големи оштетувања во манастирот „Св. Ѓорги“ во пограничното село Велушина. Манастирот е стар 183 години, а дел од оштетените фрески се дело на Јован Зограф.
„Треба да се обединиме за да се обнови манастирот, тука се правеа семакедонски венчавки, крштевки и други обреди. Камбанаријата е распукана и не е во функција, фреските се изронети и паднати, напукната е таваницата, на подот има пукнатини. Конакот е во уште полоша состојба. Во денешниот земјотрес нешто по 16 часот падна и еден ѕид. Таму не се престојува, и домаќините ги испративме на побезбедно место. Утре ќе ги пријавиме штетите во Општина Битола и чекаме стручни лица да направат увид“, рече за апла.мк отец Горан Петковски.
Најголемата штета на манастирот настана за време на големиот земјотрес вечерта на 9 јануари. Тој имаше магнитуда од 5,6 степени според Рихтерова скала, а беше најсилно почувствуван во југозападниот дел на земјата. Земјотресот имаше епицентар во близина на Лерин, па на македонска територија најмногу го почувствуваа пограничните села во Битолско, меѓу кои и Велушина.