АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Кај возрасната група од 6 до 14 години има зголемување на бројот на позитивни случаи, тоа се школските деца кои следат настава со физичко присуство, соопштија од Комисијата за заразни болести на денешната прес конференција. Во моментов нема простор за загриженост, но состојбата се следи.
„Во земјава се забележува намалување на вкупниот број заболени и подобрување на епидемиолошката состојба, но тоа не ни дава право да кажеме дека е добра, на тоа нè потсетува возрасната група од 6 до 14 години каде има зголемување на бројот на нови случаи. Тоа се школските деца кои ја тераат наставата со физичко присуство. Апелираме доследно да се следат протоколите за изведување на наставата со физичко присуство и апелираме и до учениците и до родителите да го прифаќаат тестирањето“, рече претседателот на Комисијата д-р Александар Петличковски.
За наставата на факултетите која се одвива онлајн, Комисијата предлага на сите факултетитаа да се насочува кон физичко присуство и студентите и наставниот кадар да се вакцинираат.
Од 6 до 9 и од 10 до 14 години се двете групи на школски деца кај кои има тренд на зголемување и минатата и оваа недела. Од Комисијата рекоа дека кога ќе се каже дека зголемувањето кај нив е над 40 проценти, за што сведочат и бројките од Институтот за јавно здравје, звучи страшно. Но, факт е дека разликата на новозаболени деца од минатата недела до оваа е 120 нови случаи, а во државата има над илјада училишта. Распределбата по општините е рамномерна, не станува збор за бум во една општина. Епидемиолошката служби кои се во контакти со кооринаторите во училиштата онаму каде што треба ја проценуваат реалната опасност и налагаат распуштање на цела одделение или тестирање.
„За скринингот во училиштата денес Комисијата даде препораки и насоки да се задолжат здравствени институции согласно утврдената методологија да се започне со скринингот и да се заврши во најбрзо време за да се добијат релевантни податоци за трансмисијата во училиштата посебно поради лесното големување на бројките во возрасната група од 6 до 14 години. Скринингот треба да биде репрезентативен за цела држава, а бројката на деца тестирани би била околу 2.000 и целата процедура нема да биде подолга од една недела“, рече Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.