АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По странските регистарски таблички, развиорени знаменца, па и исцртани симболи ќе дознаете каде се иселени стопаните на куќите во преспанското село Брајчино. Некои на замандалените дрвени порти прикачиле стари регистарски таблички од возила што порано ги возеле во Холандија, Германија, Канада и на други места. На некои куќи се виорат знамиња од Канада и Австралија и укажуваат дека во две прекуокеански земји денес им е распарчено семејството. Трети пак, го исцртале јаворовиот лист од канадското знаме на влезовите од куќите.
Пустелијата (во овој период ќе сретнете одвај една рака луѓе) и ваквите симболи укажуваат на тоа дека селото одамна е мртво. Само по некој стар човек уште го држи силата да ја ископа нивата со зеленчук. Низ селото многу куќи пропаѓаат, а други се обновуваат, но „птиците преселници“ ги населуваат само по некој месец преку летниот период, а потоа пак потонуваат во гувотија. Луѓе скоро и да нема, но сепак во атарот има ѓубре. Некој таму си се ослободил од сметот кога си ја реновирал викендицата мислејќи дека коравот ќе ја проголта депонија и нема да се гледа.
Брајчино е пасквелија поради иселеноста, но и рај по природните убавини. Вгнездено во пазувите на Баба Планина, на шест километри од источниот брег на Големото Преспанско Езеро, распослано на обата брега од Брајчинска Река, ова е еколошко место за одгледување на јаболка и природен мед. Планината и езерото влијаат овде да не фаќат пеколни горештини како по градовите, туку и среде лето знае да дувне свежо ветерче.
Брајчино живее за Духовден кога се очекува дел од иселениците да се вратат на старите огништа и да раздадат за душа на покојните предци. Оние кои нема да дојдат сега, можеби ќе ги донесе патот тука за Илинден кога во соседното село Љубојно се одржува голема прослава на иселениците.