АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
33 годишната самохрана мајка Мерзука Сулејмановска од Битола стана говедарка за да ги прехрани двете малолетни деца. Социјалната помош од 4000 денари не стига да ги плати месечните давачки, а и алимемнтација не зела редовно. Соочена со немаштија одлучи да ја пасе стоката како момок за припомош.
„Син ми е пет години, а ќерката четири. Морав тоа да го направам и стока да гледам за децата да ги прехранам. Морам да мислам на нив, да имаат за јадење и облекување. Ја пасам стоката во Битолско поле. 18 крави. Не ми е тешко. Кога сака жена, сѐ ќе постигне. Млекото го продаваме, а останува и за дома за децата“, раскажува Сулејмановска.
Додека другите битолчанки наутро се дотеруваат за на работа, таа облекува стари тренерки и заминува со велосипедот до шталата со крави. Од домот, шталата е оддалечена еден час одење, а Мерзука бидејќи нема финансии за да вози кола или да патува со такси, дотаму вози велосипед. Потоа ги носи кравите на пасење на ливада.
„Така ми минува денот. Не знам ни што е Широк Сокак, ни кафе со пријателки. Два пати во денот ги носам на пасење, претпладне и попладне. Некој ќе рече ‘што живот е тоа’, но да ви кажам јас тука го најдов душевниот мир по разводот“, вели самохраната мајка.
Мерзука раскажува дека во животот поминала прав пекол. Со сопругот живееле во Германија, извесен период додека била бремена за второто дете била сместена во прифатилиште. Потоа се вратила во Македонија и кај родителите со едното дете во рацете, а со другото во стомакот.
„За ќерката останав бремена во Германија, таму посетував гинеколог, го плаќаше социјалното, како и инјекциите за првото дете што ги примав зашто бев анемична. За вторто дете петти месец бев турдна кога дојдов во Македонија, а на гинеколог отидов да се прегледам некоја недела пред породувањето. Бидејќи бев кај моите и немав правосилно решение за развод не можев да се пријавам во Центарот за социјални работи. Така, останав и без здравствено осигурување, а немав пари за гинеколог. Две недели пред породувањето кога отидов на болница, лекарот ми рече ‘жено, што си чекала толку време, каде беше досега’. Бев многу анемична, немаштијата ме донесе дотаму“, раскажува Сулејмановска.
Две недели лежела на болница и примала инфузии за да се накрени, а потоа се породила. Апелира до државата да изнајде начин без гинаколошки преглед да не останува ни една жена, без разлика дали има здравствено осигурување или не.
„Сама се борам за своите права, во институциите многу не верувам. Читам и се едуцирам. Не се срамам да тропнам дури и на вратата на обвинителството кога ми се загрозени моите права“, додава таа.
Веќе четири години живее заедно со нејзините родители и двете малолетни деца..
„Порачувам мајките да бидат силни, да имаат доверба во себе, најголемото богатство се децата и тие даваат многу храброст за да ги поминеме сите патешествија низ животот“, вели Сулејмановска.