АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Концесионерот на ресторанот во комплексот „Довлеџик“ не ги плаќал редовно месечните закупнини, поради што ЈП „Стрежево “ од Битола го раскина договорот кој бил потпишан со претходното раководство за период од 10 години.
-Ресторанот во комплексот „Довлеџик“ во моментот е затворен. Од поранешното раководство беше издаден под наем на десет години за симболични суми. Но со оглед на тоа дека корисникот не ги плаќаше редовно, договорот е раскинат и се наоѓа пред тужба. Ќе побараме и ревизија, а во моментот се очекува проценка на инвестицијата,односно колку вреди ресторанот. За кратко време ќе објавиме тендер, по што се надеваме дека ресторанот повторно ќе почене со работа, од што очекуваме зголемен приходи по основ на закупнина. Има повеќемина заинтересирани за закуп, но за тоа ќе има тендер, вели директорот на ЈП „Стрежево“, Менде Граматковски.
И базенот во Довлеџик е издаден за ниска закупнина, исто така на подолг период, но, концесионерот таму редовно си ги подмирува обврските, вели Граматковски.
-Базенот во Довлеџик издаден е на повеќе од 10 години за симболична цена од 26 илјади денари месечно, закупецот редовно ги сервисира трошоците, но, сепак, ќе видиме што понатаму и со овој објект, посочи тој
ОД ЈП „Стрежево“ уверуваат дека нема да бидат запоставени и другите спортски објекти со кои стопанисува претпријатието.
-Нема да бидат запоставени и спортските објекти, односно ски лифотовите Чука, а доколку има снег во зимскиот период, на задоволство на граѓаните, максимално ќе се трудиме да имаме добро одржувани ски патеки, а ќе продолжиме и со ноќното скијање кое што е доста популарно и посетено. Инаку, за населбта „Стрежево“, доколку се појават заинтересирани за јавно приватно партнерство или издавање по закуп, можеби ќе се активира. Јас не сум поборник за отуѓување на населбата од јавното претпријатие „Стрежево“, вели Граматковски.
Директорот посочи дека во ЈП „Стрежево, “ по неговото доаѓање на функција, непродуктивните трошоци се сведени на минимум, поради што се намалени за околу 8 милиони денари во споредба со претходниот период. Со анализите направени за периодот од јануари до август лани, констатирани се големи трошоци и нереално големи загуби во претпријатието.