2win800x200

Просечната стапка на природна смртност поголема во Битола- изготвен нов план за квалитет на воздухот

Септември 10, 2022

Просечната стапка на природна смртност на 10.000 жители во Битола е повисока од националната просечна стапка, а како една од причините се наведува аерозагадувањето. Овие и други загрижувачки податоци за загадувањето на воздухот, како и здравствените ризици се содржани во нацрт-планот за квалитетот на воздухот во Битола, за кој во вторник ќе се одржи и јавна расправа во општинската сала. Во објавената табела во врска со просечната стапка на природна смртност стои дека за трите години од 2015 до 2017 таа изнесувала 186,3 во Битола, а на државно ниво 149.

 

Анализите на аерозагадувањето се направени врз основа на податоците од мерните станици Битола 1 и 2 од 2015 до 2019 година, а 2020 и 2021 не се земени предвид.

 

Во планот пишува дека може да се заклучи дека оптоварувањето со болести во Општина Битола е поголемо од националното. Спомнати се и резултатите од студијата на УНЕП за Западен Балкан, кои покажуваат опаѓање на очекуваниот животен век за 0,8 години како резултат на изложеноста на честичките ПМ2,5 во Општина Битола.

„Како главен ризик по здравјето, загадувањето на воздухот може да доведе до разни здравствени проблеми, како што се респираторни и кардиоваскуларни заболувања. Многу нови студии сугерираат дека изложеноста на загаден воздух е многу поголем ризик за здравјето отколку што се сметаше претходно“, пишува во нацрт-планот.

Од табелата се гледа дека стапката на смртност од рак на бели дробови на 10.000 жители за 2016 и 2017 година е поголема во Битола отколку на ниво на држава. За 2016, стапката во Битола е 13,1, а во државата 12,1, додека за 2017, во Битола е 12,4, наспроти 10,5 во Македонија.

„Меѓународната агенција за истражување на ракот и многу научни докази и литература го класифицираат загадувањето на воздухот како канцерогено за човечката популација. Долгогодишната изложеност на загаден воздух е фактор кој придонесува за зголемување на појавата на рак на бели дробови и кардиоваскуларни заболувања“, пишува во планот, кој е изработен во рамките на проектот „Развивање и имплементација на здравствениот индекс за прекугранично загадување на воздухот“.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани