АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општина Битола подготви проект со кој ќе аплицира до ИПА 2 фондот на Европската Унија за добивање на грант кој планира да го искористи за реставрирање на Офицерскиот дом. Проектот е насловен „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом заедно со партерно уредување. Доколку се одобри апликацијата, Општината ќе добие над 71 милион денари, а сама ќе мора да кофинансира десет проценти од износот. На денешаната седница, советниците дадоа согласност Општината да учествува во проектот со 7,6 милиони денари. Доколку им го прифатат проектот, Офицерскиот дом ќе треба да се реставрира до крајот на 2019 година..
„Апликацијата е до август, одговорите до септември или октомври. Ако го добиеме, времетраењето на реализација треба да биди 14 месеци. Проектот завршува на крајот од 2019 година. Се што треба да се направи е да се реставрира Офицерски до крајот на 2019 година. Целата сума на проектот за кој ќе биди аплицирано е 71 292 950 денари. Услов е 10 проценти Општина Битола да има сопствено учество во парчен износ од 7 600 295 денари. Одиме со партнер, тоа е Стопанската комора на РМ. Општината и лани аплицирала со Офицерски до истата проектна единица кога учеството било со 23 проценти но, за жал, тогаш не поминал тој проектот. Годинава е видоизменет со детали за тоа што ќе биде внатрешниот дел, но генерално е целта да се врати стариот сјај“, рече Дејан Додовски, претставник на Општина Битола.
На денешната седница на Совет, на која се дискутираше за Офицерскиот дом, советничката од „Поинаку“, Габриела Илиевска, рече дека екс министерот за култура Роберт Алаѓозовски уште во јануари ветил 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом, но до денес не само што не стигнале парите, туку не се доволни ни за вратата на објектот да се направи.
Методија Илиевски, координатор на советничката група од СДСМ одговори дека за Офицерскиот дом не само што државата издвоила пари, туку обезбедени се средства и од буџетот на Општината, а сега се аплицира и пред странски фондови за што побрзо да се реставрира објектот.
„Оваа власт веќе има испратено комплетна документација до Грдежната управа и одобрување на конзерваторско решение од Управата кое се чека во секој момент за да започне проектот. Шајка не може да се стави за објект заштитен од прва категорија. Ние само за неколку месеци ја подготвивме комплетно документацијата и ги испративме до надежните органи на одобрување сите потребни документи за да се отпочне постапка за санација. Од Советот на Општината издвоени се средстава за 2018 година -10 милиони денари, 2019- 20 милионин денари, а за 2020- 40 милиони денари. Сите знаеме дека тоа не е објект кој може да се изгради преку ноќ“, рече Илиевски.
Додаде дека парите за годинава се во буџетот на РМ и кога ќе почне реставрацијата на објектот ќе можат да се префрлат.
„Тоа се мали пари, но сметаме дека се доволни за оваа година. Во буџетот за 2019 и 2020 ќе видиме колку пари ќе одобрат, сигурен сум дека нема државата да остане само на тие 10 милиони денари“, рече Илиевски.