АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Познат битолски бизнисмен вчера упатил закани по живот кон претседателката на Советот Габриела Илиевска и уште над десеттина други битолски советници.
Инцидентот се случил вчера попладнето во кафеана на битолски Широк Сокак, додека голем дел од советниците по изгласувањето на буџетот на Општина Битола и по одржаната седница седнале да вечераат секој на своја сметка.
Бизнисменот дошол со уште тројца млади момци, најверојатно двајцата негови синови и уште еден непознат за присутните и упатиле вербални закани по живот не само кон претседателката на Советот туку и кон сите останатите советници.
Присутните останеле вчудоневидени од однесувањето на бизнисменот.
Во разговор за „Независен“ , Илиевска го потврди инцидентот и ни рече дека бизнисменот упатил „закани по живот по сите присутни“ по што повикале полиција да ги извлече од ресторанот бидејќи напаѓачите продолжиле со заканите.
„Бевме присутни преку десет советници на вечера, се појавија 4 лица од кои тројца ни беа познати и едно непознато. Упатија вербални закани, живото загрозувачки кон сите во просторијата. Заминаа и по неколку минути побаравме сметка и ние да заминеме бидејќи беше непријатна ситуација за сите, но вработената ни кажа дека не чекаат долу на првиот спрат и дека не ќе можеме да излеземе. Викале дека ќе не убијат. Јас повикав полиција, па дел од советниците беа извлечени кога дојде полицијата зошто сите бевме загрозени. Се врати полицијата и ние останатите да заминеме, но напаѓачите се вратија физички во просторијата и упатија уште поголеми закани ко нас. Случајот го пријавивме за што побарајте информација и од полиција“, изјави Илиевска.
Неофицијално од извори од присутните советници, бизнисменот очекувал на седница на Совет да биде поставена точка на дневен ред од урбанизмот, што го засега и него, со оглед на тоа што бизнисменот се занимава со градба на станови.
Претседателката на Совет Илиевска вели дека ни таа ни советниците не знаат зошто ова го предизвикал бизнисменот.
„Јас работа согласно закон , статут и деловник на Советот и моја цел е нив да ги почитувам“, вели Илиевска.
Од СВР Битола за „Апла“ го потврдуваат случајот.
На 28.12.2022 во 21.20 часот во угостителски објект во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги приведиле А.Т.(48), А.Т.(26) и М.Т.(27), сите од Битола, затоа што се однесувале агресивно кон советници од Совет на општина Битола и се обиделе физички да нападнат дел од нив. Тие, исто така, се однесувале агресивно кон полициски службеници службеници кои извршувале службени дејствија. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање нас случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од полицијата