АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На среде лето кога учениците се на распуст, а наставниците колективно на летен одмор Министерството за образование и наука дава напатствија за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2018-2019 година. Уписот трае од 10 до 13 јули, а во средните училишта на меил бил испратен во вторникот (на 10 јули) во 15 и 30 часот, кога поминало работното време.
Во дописот кој во вторникот попладне стасал во средните училишта во државата стои –Учениците кои доставиле односно ќе достават документи за запишување во вашето училиште во периодот од 10 до 13 јули 2018 година согласно пропишаните услови утврдени со Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2018-2019 година може да ги запишете доколку имате слободни места. Министерството бара на 13 јули 2018 година најдоцна до 15 часот да доставите известување за запишани ученици, пишува во писмото од МОН до директорите на средните училишта потпишано од министерот Арбер Адеми.
Дописот ги збуни директорите на средните училишта во Битола со кои разговаравме. Тие реагираат дека уписот е надвор од вообичаените рамки и отвора повеќе прашања; како сега да се најдат и да се информираат децата што не се запишале дека можат да се запишат во средно училиште, како да се формираат комисии за упис кога професорите од 5 јули се на колективен одмор? Нејасно е зошто за уписот учениците и родителите не се информирани преку медиумите. Што со оние деца кои се надвор од државата и нема да разберат да се запишат? Како да се примаат документи кога нема комисии да ги рангираат тие поени, бидејќи во најголем дел од училиштата на работа се само директорите и евентуално правно-административната служба.
Во Битола незапишани останале уште шеесетина деветтодделенци, казната за незапишување на децата во средно училиште за родителите е 500 евра.
Според податоците од Општина Битола во учебната 2017/18 година во Битола, основното образование го завршиле 863 деветтодделенци. Ова е податокот на Секторот за јавни дејности при Општина Битола, бидејќи бројот на евидентирани лица според МВР е поголем и надминува 1000.
-Во битолските средни училишта, во досегашните објавени конкурси за учебната 2018/19 година, запишани се 927 ученици, вклучувајќи ги и учениците од општините Новаци и Могила, каде што нема средни училишта, потврдија од Општина Битола.
Неофицијално Министерството за образование на ваков начин се решило само за да прибере информации колку деца се запишале во средно, а треба да користат бесплатен школски превоз. Ова ќе помогне кај Општините околу распишувањето на тендерите за бесплатен превоз на ученици за што им е потребана точна бројка на ученици. Добро упатените велат дека ова е аларм за новата власт откако СЈО отвори судски процес за бившиот градоначалник на Битола , директори на средни училишта и превозници за криминал со бесплатниот школски превоз тежок 360 000 евра.