АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ученици од прва година на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола изминатава недела (7-13.5.2023г.) учествуваа во ученичка размена во Тирана, Република Албанија. Меѓуученичката размена се оствари преку Regional Youth Cooperation Office - RYCO, организација што има за цел да ја поттикне соработката меѓу училиштата во Западен Балкан.
Дванаесет ученици со своите ментори, педагогот Биљана Исковска и професорката по Македонски јазик и литература – Даниела Петровска, остварија соработка со специјализираната гимназија за странски јазици во Тирана „Асим Вокши“. За време на престојот во Тирана, учениците учествуваа на мноштво RYCO-работилници низ кои ја потврдија основната поента на проектот: Modus operandi, modus vivendi. Всушност, тоа беше работната тема на проектот низ кој учениците ги изразија креативните идеи за создавање Балкан без граници во кој сите различности меѓу учениците се идентификуваат како можност за меѓусебна соработка и создавање слика за Другиот. Тоа суштински укажа дека во светот на стереотипите и предрасудите, учениците низ непосредното искуство имаат желба за деконструкција на закоравените матрици на стереотипизација на Другиот. Така, низ работилниците докажаа дека тие иако живеат во различни општествено-социолошки средини, имаат исти интереси: создавање подобар свет воопшто, дружење без ограничувањата на застарените матрици дека едните се секогаш подобри од другите, дека љубовта и другарството се нивни императив, без можност за геополитички или други ограничувања.
Во текот на престојот во Тирана, домаќините покажаа несебичен итнерес да ги прошетаат своите гости низ Тирана, па така битолските гимназијалци посетија повеќе музеи и споменици на албанската историја, ја посетија и Куќата на Европа, а во слободното време се дружеа и пееја. Тоа беше за нив незаборавно искуство и ги поучи на повисоки вредности во животот: љубовта и другарството немаат алтернатива, немаат ограничувања, музиката е еден од јазиците на кои заедно ги изразија истите интереси.
На битолските гимназијалци од Горната гимназија, на есен во септември, во возвратна посета ќе им дојдат другарите од тиранската гимназија „Асим Вокши“ од Албанија. Тие со нетрпение го чекаат мигот за повторно дружење и создавање Балкан без граници, но и свет без граници.