Интергрален текст од обраќањето на градоначалникот Тони Коњановски на денешната вонредна седница на Советот на Општина Битола
Итноста произлегува од изминувањето на крајните рокови, што би значело и неможност за реализација на одредени проекти или неможност за обезбедување на потребните средства.
Дел
од седницата се два многу важни проекти за Битола, каде благодарение на експедитивноста на општинската администрација подготвени сме со документација, а дополнително треба да аплицираме за обезбедување на финансиска поддршка од меѓународни фондови, што е многу важно кога станува збор за реализација на големи проекти.
Третата точка се однесува на усвојување на Извештајот на општинската Комисија за проценување на штети од елементарни непогоди во општина Битола настанати од невремето – град и поплави, со цел проследување на истиот до републичката комисија и обесштетување на граѓаните.
Во однос на првите две точки би сакал да го нагласам следното: За да може да се пристапи кон реконструкција на каскадите на речното корито на реката Драгор, потребно е да се изработи техничка документација, за што апликационата форма ни е изготвена, а крајниот рок за аплицирање на отворениот повик на УНДП и Бирото за регионален развој, е денес. Вкупната вредност која е потребна за изготвување на техничката документација е 33,000 американски долари, за што општината со согласност од Советот треба да обезбеди кофинансирање од 6.600 долари. Станува збор за инвестиција за изградба која има проценета вредност од над 350.000 долари.
Уште еден многу важен проект е дел од оваа седница, а се однесува на потребата за изградба на велосипедски патеки во Битола. Ако се земе предвид она што досега е направено во Битола, од аспект на велосипедски патеки на Градското шеталиште и улицата „Македонска фаланга“, станува збор за околу 2 километри.
Сега, за првпат општината е подготвена со документација за изградба на велосипедски патеки во должина над 5 километри и имаме можност, во рамките на програмата за прекугранична соработка со Република Албанија да добиеме дел од потребните средства, за што треба да се направи измена и дополнување на Програмата за економски развој. Проектот е од крајна итност, затоа што тоа е долгогодишно барање на граѓаните и повеќе здруженија на граѓани, а истовремено е директно поврзано и со намалување на аерозагадувањето од возилата. Можеме да бараме од граѓаните да го намалат користењето на возила и истите да ги заменат со велосипеди, само ако за тоа создадеме услови: да имаат каде безбедно да се движат.
За да почнеме со работа на реализација на овој проект на улиците „Партизанска“ и “Васко Карангелевски“, оваа градежна сезона, мора да имаме одобрение за градење, а за да го обезбедиме одобрението потребно е да се усвои денешната точка на дневен ред, што велам дека е директно поврзано и со искористувањето на средствата од ИПА фондовите.
Ова се само два проекти, за кои е потребно брзо делување.
Очекувам дека, одредени недоразбирања кои постојат во Советот, брзо ќе бидат надминати и не само овие два проекти, туку и сите други непречено ќе се реализираат. Затоа, повикувам на конструктивност и постапување согласно надлежностите и пред се согласно барањата на граѓаните, зошто неколку пати досега сум споменал, но морам да нагласам и сега дека, сите ние сме тука благодарение на граѓаните и наша обврска е да работиме за граѓаните.
По завршувањето на оваа седница, повикувам да биде закажана и следната, редовна седница, да се постапи по извештајот и укажувањата од државниот инспектор и со заедништво и соработка да продолжиме со успешна реализација на проекти од инфраструктурата, економскиот развој, животната средина, социјалната заштита, културата, спортот и сите области кои се во наша надлежност: за да има резултати, треба проекти, а за проекти треба работа од сите нас заедно.
Да не го губиме времето, да работиме.
Ви благодарам, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во обраќањето на денешната седница на Советот на општина Битола.