Каде после горната- истражување на учениците во новиот број на „Нова Веда“

Мај 26, 2023

Повеќе од половината од 360 анкетирани средношколци од Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола би останале да студираат во Македонија, поточно 56 отсто, а 29 проценти би заминале на факултетите во Словенија, покажа анкетата „Каде после Горната“ чии резултати учениците ги објавија во средношколскиот весник „Нова Веда“. Тоа е весникот што го објавуваат средношколци од училиштето по повод патрониот празник, со поддршка на Гимназијата, а под менторство на професорот по македонски јазик Никола Трајковски. Истражувањето го спроведоа ученичките од трета година Ана Наковска и Ева Ристевска.

 

„По анализираните одговори од анкетата што ја спроведовме повеќе од сигурно е дека голем е бројот на оние кои сакаат да останат во својата татковина. Сето тоа е поддржано и со ставовите дека и кај нас факултетите се доволно добри и признати, факултети на кои би можеле да се стекнат со многу знаења и искуства“, вели анализата на објавените разултати.

 

Но, ако им биде понудена целосна стипендија за студирање во странство, дури 92,8 проценти би заминале затоа што 88,4 проценти сметаат дека дипломите на странските факултети се попризнати во светот и 72,5 процнети дека животниот би им бил подобар во странство. 88,4 проценти привремено би се отселиле од државата, а 11,6 проценти трајно. Половина од учениците сметаат дека ќе имаат поголеми можности акосе надвор од државата, а половина не.

Според добиените одговори, некои заминуваат да студираат во странство поради посовремено образование, повеќе опции, различни работилници, патувања, стекнувања искуства, сигурна иднина и подобар живот. Учениците анализата на резултатите ја завршуваат со заклучокот дека мислењата и ставовите се поделени, но сите се согласуваат дека дома си е дома.

Ова е втор број на весникот кој беше возобновен пред една година, а се издава за патрониот празник на училиштето 25 Мај. Сепак, влече корени од минати генерации кога за првпат се печатела „Веда“ како средношколски весник.

„’Нова Веда’ е средношколски слободен простор, весник во којшто средношколците ќе можат да ги искажат своите мисли, гласно да проговорат за проблемите со кои секојдневно се соочуваат, да предложат соодветни решенија за истите, силно да се насмеат после големите бури низ кои поминале. Да се пофалат за своите успеси, да критикуваат за општествените неправди, но и да се изложат себеси на критика за сопствените грешки“, рече професорот Трајковски.

Интерсот во училиштето да се биде дел од „Нова Веда“ е голем, а во подготовката на бројот беа вклучени 40 членови. Училиштето има и свое младинско радио. Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола им пркоси на лошите трендови во медиумскиот простор во земјава. Додека згаснуваат весниците и замолкнуваат сѐ повеќе радиостаници, средношколците се зафатија со прометејска задача да издаваат средношколски весник и да создадат младинско радио.

Ж.Здравковска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани