Електричното вовче „Мечо“, утринава тргна низ Градскиот парк. Набавката на вовчето и неговото ставање во функција ги реализираше Општина Битола во соработка со ЈП Паркинзи, со цел враќање на некогашната атракција за најмладите и создавање на нови можности за нивна забава и рекреација. Во активностите кои се дел од функционалноста, како општествено одговорна компанија се вклучи и
IWCONNECT. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, им посака многу среќни мигови на најмладите, за кои и е наменето вовчето „Мечо“.
„Денес сме на еден прекрасен настан во Градскиот парк во Битола. После 25 години, повторно ја враќаме традицијата, која што беше многу значајна за Битола. „Мечо“, повторно стартува во Битола. Ова е еден мал придонес за градот, на задоволство на најмладите, на нивните родители, на сите добронамерни граѓани, кои се радуваат на овој настан. Би сакал да се заблагодарам на советниците од Советот на општина Битола, што ја поддржаа оваа иницијатива, на напорот кој го вложи ЈП Паркинзи, да тргне оваа наша мала битолска атракција. Ова е само една од сите добри работи кои ги правиме со заедничка соработка, како со јавното претпријатие, така и со бизнис секторот за што сакам да се заблагодарам на IWCONNECT за нивното вклучување и продолжување на соработката која ја започнавме минатата година. Ги поканувам и сите други општествено одговорни компании, да продолжат да работат на овој начин, а ние како локална самоуправа сме отворени за соработка“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Со поддршка на IWCONNECT, во понатамошниот период, ќе се организираат бесплатни возења за посебни категории на семејства.
„Како општествено одговорна компанија IWCONNECT постојано инвестира во заедницата. Мило ни е што и ние сме дел од овој проект и сакам да им се заблагодарам на Општина Битола и ЈП Паркинзи за нашето вклучување. Учеството на IWCONNECT е во градење на билетарницата, како и во организирање на бесплатни возења за посебни категории на семејства. За бесплатните возења битолчани ќе бидат навремено информирани. Сите се сеќаваме на „Мечо“ и сите сакаме да ги гледаме нашите деца како се возат во „Мечо“ и да ги гледаме нивните среќни и насмеани лица. Со среќа да ни е и да гледаме што повеќе насмеани лица“, изјави Андријана Димитриевска, специјалист за комуникации и маркетинг во компанијата „IWCONNECT“.
Директорот на ЈП Паркинзи, ги повика најмладите да бидат дел од промотивните бесплатни возења кои ќе следуваат.
„Голема благодарност до Општина Битола за издвоените средства и IWCONNECT за целата поддршка во која се вклучуваат за користењето на „Мечо“, како и на сите кои дојдоа да ни го разубават денот. Ги поканувам сите, на промотивните бесплатни возења во наредниот период. Општина Битола со ЈП Паркинзи има неколку проекти, меѓу кои: реконструкцијата на паркингот кај Спортската сала, осовременувањето на новите паркинзи, како и други проекти“, изјави Зоран Михајловски, директор на ЈП Паркинзи.