2win800x200

[ВИДЕО] Мојсова-Чепишевска: Повеќе од половина век создаваме странски македонисти

Септември 02, 2023

Во интервју за Рацин.мк, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, ги пренесува впечатоците од овогодишната летната школа која веќе 56 години ја шири мрежата македонисти низ целиот свет.

Со проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска разговараше Зоран Бојаровски.

Снимател и фотограф: Игор Чадиноски

Како ја оценувата овогодинешната летна школа по македонски јазик, литература и култура. Дали семинарот оваа година ги исполни своите цели?

Најбитно е дека најголем број од семинаристите коишто сакавме да дојдат, односно што се пријавија, дојдоа, беа тука, беа дел од оваа 56 летна школа. Тоа се луѓе од различни земји, од различни континенти. Кај сите нив има исклучителен интерес за изучување на македонскиот јазик и пошироко, за македонската култура, за македонската литература.

Во тој контекст искажувам големо задоволство, особено што оваа оваа 56-та летна школа има навистина голем број млади луѓе коишто доаѓаат од нашите центри каде што имаме лекторати по македонски јазик, односно лекторати во странските универзитети, но и од центри каде што се изучува македонскиот јазик, литература и култура на различни нивоа, а немаме лекторати. Во тие центри имаме професори кои се добро обучени, кои добро ги познаваат македонската литертура и култура, добро зборуваат македонски јазик и таму на своите универзитети имаат групи предмети коишто се допираат до македонскиот јазик литература и култура и така, од сето тоа, да не звучи нескормно, но јас сум многу задоволна.

Колку од тие професори за кои сега зборувавте произлегле или поминале низ летната школа, односно Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура?

Најголем дел. Нема некој од нив којшто не бил на летната школа, во последно време и се обидуваме тоа да го интензивираме, за да бидат поблиску со нас и со нашите достигнувања на полето на македонистиката и преку организирањето на Зимската школа. Оваа година таа се одржа по трет пат на далечина, односно популарно кажано онлајн. И за тоа имаме интерес и сега оние кои се збогуваат, кои си заминуваат, кажуваат дека сакаат да учествуваат на наредната зимска школа и прашуваат дали ќе има нова.

Тоа значи дека постои одреден континуитет на македонистите таму каде што ги има ги дека тоа зборува за одржливост на популаризацијата и афирмацијата на македонистиката, на македонскиот јазик и култура?

Така е. Летната школа се одржува во континуитет веќе 56 години. Во далечната 1967 се случил тој прв собир на странски македонисти, и покрај сите премрежја на Балканот, кризи и воени дејствија, но семинарот се одржа. Ја имавме и пандемијата и сепак наоѓавме начини како да се одржи. За време на пандемијата бевме први во регионот коишто ја реорганизиравме летната школа како летна школа на далечина. Тоа беше и за нас едно ново, но и за семинаристите, за учесниците.

Летната школа е една исклучително значајна точка на македонското општество. Многу битна точка бидејќи континуирано, повеќе од половина век се создаваат странски македонисти.

https://youtu.be/BCeMX7oC6d0

Целото интервју на следниот линк https://racin.mk

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани