2win800x200

ВОЈО МАНЕВСКИ 

Аферата „онкологија“ ми изгледа како чир на телото на државата. Како болест која или ќе се лечи или ќе го убие организмот. Како катарза низ која заедницата мора да помине за да се осознае себеси за да почне да бара лек и оздравее. Не сакам да пишувам за чувства и впечатоци од онкологија зошто мојот талент  е премал за да ги опише лицата и погледите на пациентите кои таму се лекуваат . Самото потсетување на личното искуство од скоро две години ми го замаглува расудувањето и ми ги подига сите пориви на освета кои едно човечко битие може да ги има. Сметам дека и овој случај е резултат на времето во кое живееме и матната вода која го покрива општеството.

Да, да почитувани мои сограѓани не заклопи матна вода која сите ја замативме а сега како зашеметени риби бараме излез низ талогот кој исплива. Сум ја видел таквата состојба и во природата и во општеството. Брегалница знае да надојде и заматена да тече низ клисурава во која обитавам веќе долго. Матната вода го намалува кислородот во водата па рибите бегаат во плитките води. Моиве комшии тогаш ги вадеа плетените кошници кои се чуваа за берење на грозје  и влегувајќи во водата при брегот со нив ги ловеа кутрите риби, кои само бараа воздух за дишење. Кога матната вода ќе истечеше низ кошницата тие остануваа во неа да се прпелкаат на нејзиното дно. Во деведесеттите во поранешната ни држава нарасна незадоволството, поттикнато од разни популистички манипуланти, се замати водата, се дигна талогот дотогаш држен на дното и ние како и рибите во Брегалница баравме воздух за да дишеме. Е тогаш дојдоа попови па топови па разни месии и олеснувачи . Ние обичните граѓани не видовме од матната вода дека секој од нив носи  по една кошничка во која ќе не фати и остави на нејзиното дно. Кога се најдовме на дното видовме дека веќе фабриките не се заеднички, дека за обично апче ќе мора да платиме на секоја царина и патарина. Излезот го побаравме во политичките партии  и лидери. Баравме излез а најдовме ќорсокак како тунел на кој не му се гледа крајот.

Данте Алигиери го опишува пеколот во дванаесет круга па потоа се влегува во  чистилиштето како услов за влез во рајот. Колку е длабок пеколот мои почитувани ,колку круга има нашиов пекол? Ќе влеземе ли во чистилиштето  веќе еднаш? Сето ова зависи само од нас иако засега матната вода ни го ограничува и видикот и расудувањето. Онкологија и нечовечноста се само еден круг од пеколот. Имаме ли кругови за изодување и чистење? Кој не држи во пеколните кругови? Делумно и ние самите верувајќи има на разните лидери и лидерчиња што изникнаа од општествениот талог. Не заматија со популизам со национализам со лаги а ние на крајот  се прпелкаме во нивната кошница како рибите од Брегалница. Наша е одговорноста кого и за што го бираме. Мислиме ли дека нивниот профит е обоен со патриотизам или човекољубие? Кој е поразен поради цитостатиците? Нашите, нивните неопределените или изгубените? Болката е лична и семејна а последиците се длабоки и на крај се општествени. Како болеста која требало да биде лечена од  „медицинарите“. Таа е тешка непредвидлива и на жалост ако не е навремена е фатална.

Оваа катарза мораме да ја поминеме заедно почитувани, без поделба на вера ,нација или политичка определба. Мораме да ја смириме водата да падне талогот таму каде што му е место, на дното и да почнеме да ја чистиме водата. За да не нè однесе матната вода, мораме да се држиме за раце и тоа цврсто.

Текстот е личен став на Авторот.

https://civilmedia.mk

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани