2win800x200

Евроамбасадорот Гир ги повикува битолските советници на средба, откако мнозинството закочи европски проект

Септември 16, 2023

Битола – Евроамбасадорот Дејвид Гир во понеделник доаѓа во Битола на средба со претставниците на политичките партии и независни групи во битолскиот Совет. Ова е за прв пат евроамбасадор да побара групна средба со советниците од битолскиот Совет, велат советници кои имаат неколку мандати искуство во Советот. Во последниот период копјата во Советот се кршат околу реализација на европски проект за изградба на велосипедски патеки со европски средства во висина од 400 илјади евра кои првично беа планирани за реновирање на објектот „Парк“, кој е во кругот на обновениот Офицерски дом.

Според поканата испратена до советниците, амбасадорот Гир доаѓа во Битола да потпише Меморандум за соработка со Општина Битола со дефинирање на обврските за просториите каде е сместена „Јуроп Хаус“ Битола во објектот на велелепниот Офицерски дом, кој исто така беше обновен со пари од ЕУ. Но, по се изгледа пролонгирањето на проектот за велосипедските патеки да помине на седница на Совет не ги остава рамнодушни европските пријатели, па прават напори да ги забрзаат процесите, обврзани со рокови.

Од Делегацијата во Скопје потврдуваат дека на средбата ќе се разговара и за финансираните европски проекти во Битола.

„Во текот на посета, како што е вообичаено, амбасадорот ќе разговара на повеќе теми, вклучително и ЕУ финансирани проекти во општина Битола.

Што се однесува со средбата со советници, ова не е прв пат амбасадорот да се среќава со советници во општините кои ги посетува. Амбасадорот често патува и посетува општини низ целата земја и досега, како дел од тие посети има остварено средби со советници во повеќе општини“, изјавија од Делегацијата на Европската Унија во Скопје на прашањето на „Независен“ за темата на најавната средба.

Делегација во Скопје претходно потврди дека дала согласност за изградба на велосипедски патеките во Битола во рамките на европскиот пограничен проект „Smart4you2“ со напомена дека – „Ажурираната акција предвидува изградба и достапност на велосипедски патеки во рок од 14 месеци (по завршување на тендерската постапка). Проектот завршува на 28.02.2025 година. Секое доцнење во реализацијата на проектот може негативно да се одрази врз реализацијата на проектот и неговите потенцијални придобивки за локалните граѓани.“

За советничката група на ВМРО-ДПМНЕ- „средбата со евроамбасадорот Гир не е случајна бидејќи ако мнозинството закочило еден проект, голема е веројатноста да се закочи и оформувањето на ‘Мрежата на Јуроп Хаус со проширување со канцеларија во Битола.“

„Ова е прва ваква средба на евроамбасадор со сите советници во општина Битола, претпоставувам дека е поради тоа што меморандумот треба да биде одобрен од Советот, а сведоци бевме дека на неколку пати од страна на советниците на СДСМ, ‘Поинаку’ и Левица се кочи одобрениот европски проект за изградба на велосипедски патеки.

Зачудувачки е тоа што изградбата на велопатеките не доби поддршка од страна на СДСМ која во моментот држи трибини ‘НИЕ СМЕ ЕВРОПА’, а притоа кочат имплементација на европски проект. Ова е лоша порака која ја праќаат советниците на СДСМ и ‘Поинаку’ како кон донаторот така и кон општинската администрација која работи на овие проекти“, изјави Бојан Бојковски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Битола.

в

Точката за велосипедските патеки во август беше тргната од дневен ред по гласање на мнозинството во Советот, составено од СДСМ и коалицијата, „Поинаку“ и Левица.

Образложението беше дека им се потребни информации плус за реализацијата и пренамената на парите од проектот, бидејќи Советот не е единствениот орган од кој зависи каде ќе завршат парите од европскиот проект „Smart4you2“. За тргање на точката од дневен ред гласаше и самата претседателка на Советот Габриела Илиевска од „Поинаку“ и нејзините двајца советници. На наредната седница во септември оваа точка за европскиот проект пак не беше ставена на дневен ред кога се расправаше за ребалансот на буџетот. Прашање е дали за проектот ќе се гласа на седница во октомври и овој проблем ќе добие разрешница со искористување на европските средства. Илиевска денеска не одговори на повиците на „Независен“.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Методија Илиевски вели дека ќе присуствуваат на средба со евроамбасадорот Гир и ќе го образложат нивниот став.

„Побаравме точката за искористување на средствата од ЕУ проект пренаменети за велосипедски патеки да биде повлечена со цел да добиеме дополнителни информации од Општината, на кое место ќе се градат велосипедските патеки, што ќе значи тоа за моменталната инфраструктура, колку дрвја ќе бидат уништени, дали ќе има нови зелени површини, што со времените објекти каде ќе поминува патеката и кое е времето за реализација на овој проект? Ништо од овие информации немаме. Побаравме точката да се повлечи и да биде поставена на некоја друга седница, но со сите овие образложенија“, напоменува Илиевски.

Ако проектот се реализира, битолчани ќе добијат велопатеки на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ во должина од над 5 километри.

https://nezavisen.mk/

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани