АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Цена Река со својот мал проток не може да даде големо количество енергија, тоа е околу 250 гигават часа годишно, но предноста на ревирзибилната хидроелектрана се состои во можноста за складирање на енергија од фотоволтаиците. Сето ова има централно место во новата стратегија за транзиција, премин на обновливи извори на енергија. Токму на оваа тема на трибината „Енергетската иднина на Република Македонија“ со ставање на акцент на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“, во Битола дискутираат професори и инженери, стручни на темата енергетика.
„Без складирање на енергија во ревирзибилни електрани фотоволтаиците би биле полуупотребливи, даваат енергија преку ден, додека навечер не ќе можеме да ја искористиме. Грците тоа навреме го воочија и веднаш ја видоа приликата која им ја нуди ‘Чебрен’ и се пријавија на последниот тендер“, рече професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, машински инженер.
Од 2004 година до денес се објавени и пропаднаа 13 тендери за хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“, но за тоа имаше економска логика бидејќи сите тендери беа во времето кога фотоволтаиците не беа актуелни и складирањето на енергија од нив, рече професорот Трајковски и образложи.
„Што добиваме, а што губиме? Дали можеме навистина да добиеме 1000 гигават часа од овој проект? Нема. Затоа што ако ја заложуваме ‘Тиквеш’ губиме 150 гигават часа годишно, ќе добиеме третина од тоа, значи 50 гигават часа. Од протокот на Црна Река во ‘Чебрен’ од 200 гигават часа, ќе добиеме само 80 гигават часа енергија. Значи добиваме вкупно 130 гигават часа, а губиме 150 од ‘Тиквеш’. Но, добиваме 234 гигават часа капацитет за складирање на енергија од фотоволтаиците“, рече Трајковски.
Финансиската анализа пак според Трајковски покажува дека нашата нето добивка од проектот би била 299 милиони евра. Ефектот на заедничкото вложување со Грција.
„Се што ќе вложиме во овој проект за сите 67 години, од денес па натаму, би бил 299 милиони евра. На колку пари, на 722 милиони евра изгубена добивка. Значи овие пари се нашата инвестиција во проектот иако ние не ја гледаме. Нашата добивка на годишно ниво ќе биде 0,5 проценти над инфлацијата, што е практично ништо“, рече професорот Трајковски, нагласувајќи дека ако Македонија сама го реализира проектот со 600 милиони евра би ја изградила „Чебрен“ за седум години и би ги имала сите 750 гигават часа енергија за складирање.
„Ако инвестиравме самите, од ‘Чебрен“ би имале нето сегашна вредност од преку 2200 милиони денешни евра, а од ‘Тиквеш’ уште 722 милиони евра, односно вкупно 3 милијарди евра, наспроти 299 милиони од партнерството“, рече Трајковски.
Машинскиот инженер Љубен Стојаноски, експерт за турбини, пак, смета дека голема е грешката во овој проект што во пакет со „Чебрен“ оди и ХЕ „Тиквеш“.
„Сметам дека ХЕ ‘Тиквеш’ на ваков начин ќе им го финансира проектот на Грците. Тоа е едноставно, оти годишното производство на ‘Тиквеш’ е 144 гигават часа енергија, по берзанска цена тоа се 15 милиони евра годишно. За 60 години, тоа се 900 милиони вера. Сега прашувам - кој ја финансира изградбата на ‘Чебрен' - Македонија или Грција?“, рече Стојаноски.
На трибината зборуваше и електро инженерот Спире Мавровски, како и инженерот по металургија Оливер Димов.
А.Блажевска