АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Министерот Јетон Шаќири приреди вистинска „игранка“ околу директорувањето во битолското средно Техничко училиште „Ѓорги Наумов“. Откако пред еден месец му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот Тони Коњановски во делот на назначување на директор во Техничкото и тој самиот се одлучи да ѝ даде мандат на доскорешната директорката Жанета Сервини, избор на градоначалникот Коњановски.
Денес стаса решението од МОН во Средното техничкото училиште во Битола со кое по помината година и пол како ве-де директорка, Сервини доби мандат од 4 години да биде на чело на школото.
Директорувањето во Средното техничко училиште беше главна тема за обвинувања на битолската локална опозиција од СДСМ и Левица, кои во континуитет бараат смена на директорката Сервини за наводно незаконско работење. Просветните инспектори за цело време се занимаваа со школото. Последните препирања беа кој е виновен што вработените се уште не зеле плата во ситуација кога Сервини беше со истечен мандат, а без назначен нов директор.
Но, министерот Шаќири, во очи на одземените ингеренции на Коњановски и во ситуација кога се очекуваше дека ќе назначи кадар спротивно на изборот на градоначалникот, ѝ даде решение на досегашната директорка како единствен кандидат пријавен на конкурс кој ги исполнува условите за директор.
Сервини му се заблагодари на градоначалникот за поддршката, но и на министерот за укажаната доверба, па вели дека ќе ги оправда очекувањата.
„Во овој период јас и Училишниот одбор бевме континуирано изложени на неосновани претставки до Државниот просветен инспекторат пласирани како невистини и клевети во јавноста од страна на егоцентрични и злонамерни личности чија единствена цел им беше јас да бидам разрешена од функцијата, а Училишниот одбор да биде распуштен. Во сите инспекциски контроли, кои ги имаше повеќе од 30 на број, записнички беше констатирана нашата законски основана работа. И покрај тоа, ние ја подобривме климата во училиштето и набавивме повеќе од 100 компјутери и опрема за реализација на вежбите според новите модуларни програми“, изјави Сервини.
СДСМ денеска го премолчи новото назначување на Сервини за директор, додека од Левица остануваат на ставот дека „партијата ќе потегне постапка за поништување на конкурсот, како и постапка за кривично гонење на сите инволвирани“, вели Горан Велевски, советник од Левица.
Градоначалникот Тони Коњановски денеска вели дека министерот Шаќири постапил законски и не подлегнал на политичките влијанија од коалициската СДСМ.
„Ваквиот избор на Министерството за образование, потврдува дека претходните партиските обвинувања од страна на СДСМ биле неосновани. Јас како и директорката на училиштето сме работеле професионално и во интерес на училиштето, така што дури и министерот за образование, морал да ги отфрли политичките влијанија и да даде приоритет на квалитетот, поради што со новото решение го потврди претходниот избор за директор од моја страна“, одговори Коњановски.
Што се однесува до одземените ингеренции на Коњановски од МОН за повеќе училишта во градот, градоначалникот вели дека „натпартиско одлучување да продолжи да биде пракса и во другите училишта“ каде му се одземени ингеренциите.
„Ова е доказ дека, лажните обвинувања и политичките манипулации со јавноста, не смеат да се повторуваат, особено не во вака значајна област како што е образованието“, вели Коњановски.
Испративме прашања до МОН околу случувањата во Техничкото училиште, и дали министерот Шаќири ќе му ги врати одземените ингеренции на Коњановски, но до објавувањето на текстот не добивме одговори.
А.Блажевска