АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Автор Анета Блажевска
БИТОЛА – Во Битола се чини дека претседателските се во длабока сенка на парламентарните избори. Впечатокот е дека партиите предвреме ја започнаа кампањата за парламентарните избори, а многу малку посветуваат внимание на претседателските кандидати. Широк Сокак врие од народ во секој час од денот, а кафето не поминува без политика, објави nezavisen.mk
„Во Битола одамна не доаѓа циркус под шатор, откако политичките партии почнаа да прават циркус на отворено“, коментира битолчанец кој ја следи политичката сцена во градот, објаснувајќи ја ситуација во овие предизборни денови.
Така претендентите за македонскиот парламент, се растрчани на сите страни за да ги убедат граѓаните во нивните исправни политики, а кандидатите за претседател на државата, незначително, или воопшто не се присутни меѓу гласачите во Битола.
Често на Фејсбук партиите објавуваат фотографии со кандидатите за пратеници како одат од врата на врата, сами, ама важно го пишуваат името на кандидатот за претседател, демек за нив се на терен. Отвораат партиско промотивни штабови само со слики од кандидатот за претседател.
Наши соговорници сметаат дека резултатите на кандидатите за претседател во овој случај кога имаме двојни избори можат да бидат решавачки околу исходот на парламентарните избори, а не обратно, кандидатите за пратеници да го „билдаат“ рејтингот на кандидатот за претседател.
Меѓу кандидатите за претседател, што досега на организиран митинг беа меѓу битолчани, се Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи. Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, беше во Битола пред почетокот на кампањата, но имал средба само со сопартијците. Кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски пак зборуваше пред битолчани кога на Широк Сокак отвораше изборен штаб. Од останатите партии велат дека битката за претседател се води онлајн.
Граѓанскиот активист Драган Велјанов од Битола, смета дека улогата на претседателот во креирањето на општествениот живот е минорна во еден ваков политички систем како нашиот и токму затоа акцентот се става на изборот на пратеници кои би требало да добијат мнозинство за да може да формираат Влада. Според него, во оваа претседателска кампања треба(ше) да ги чуеме ставовите на кандидатите за претседател за глобалната политика, улогата на државата во политичките процеси во регионот, добрососедските односи, вклученост на младите во развојот, ставовите за безбедноста на граѓаните и сл., а наместо тоа слушаме за локални проблеми, политички препукувања и меѓусебни навреди.
„Во Битола моментално се води кампања за претседател на држава, а чувството е дека митинзите и собирите со граѓаните се само параван за промоција на носителите на листи, преплавени сме со информации за програмите на политичките партии. Владата е таа која го креира развојот на државата, вклучително и на Битола, преку механизмите кои пак ги гласа мнозинството во Собранието и затоа е исклучително битно, Битола да има свои претставници во овие две главни институции. Инфраструктурата е најбитна за развој на еден регион, а во нејзиниот развој претседателот нема ама баш никаква улога“, смета Велјанов.
Поранешен пратеник од Битола, познат на редакцијата, смета дека на овие двојни избори партиите ја промашуваат целта, иако акцентот го ставаат на глас повеќе за пратеник, сепак од гласовите добиени за кандидатот за претседател во голема мера ќе зависи како ќе помине една партија на парламентарните избори на 8 мај.
„Точно, развојот на Битола како град не зависи од тоа кој ќе биде избран за вилата на Водно, но верувајте оној што ќе добие во Битола глас повеќе како кандидатот за претседател, неговата партија ќе ќари глас плус и пратеник плус. Тоа значи дека и еден глас да има повеќе кандидатот на една од двете најголеми партии од македонскиот блок, ќе се направи атмосфера на победник и губитник, и граѓаните кои во суштина биле неопределени, ќе сакаат да се идентификуваат со условно кажано ‘победникот’ на претседателските избори во првиот круг. Партиите грешат кога кампањата за парламентарните ја фаворизираат пред кампањата за претседател“.
Нашиот соговорник се присетува дека само во еден случај досега, кандидатот за претседател кој водел во првиот круг, во вториот изгубил (кандидатот на СДСМ Тито Петковски изгуби во вториот круг од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Борис Трајковски).
„Помошта е кога кандидатот за претседател ќе тропне на врата на гласачот, и ќе биде поблиску до граѓаните преку групни и целни средби, а не само со обраќање до гласачите од големата говорница на митинг и толку. Особено не, кога кандидатот не се појавува во микро средини. Затоа вниманието што треба да се даде за претседателските избори, да не се потценува. Мала е шансата да се повтори 1999 година кога имаше пресврт и во вториот круг победи Борис Трајковски“, смета нашиот соговорник.
Менде Младеновски, долгогодишен новинар од Битола и издавач на „Битолски весник“, смета дека на овие двојни избори сѐ е веќе видено, и во вокабуларот и во понудата од партиите.
„Се нудат старо-ново проекти и ветување и јас како долгогодишен новинар ништо ново ниту слушнав, ниту видов. Само видов дека и во време на криза се трошат огромни пари за скапо платени кампањи и неинвентивни медиумски промоции на кандидатите. За пораки во кои што се обвинуваат едни со други, за злоупотреби, криминал, неисполнети ветувања“, смета Младеновски.
Овие двојни изборни според него требаше да имаат подруг пат, зашто очигледен е бранот иселувања од државата.
„Ние ги гледаме истите лица на политичката сцена, без оглед какви се изборите, претседателски и парламентарни. Овие кандидати имале можност ова што сега го ветуваат да го направат во претходниот период. И како претседател на држава и како кандидати за пратеници. Како граѓани не можеме да се надеваме дека истите лица ќе водат други политики од досега. Ова се весели математики на партиите кои веруваат дека народот боледува од деменција. Народот памети. Не им верува на политичарите, па очигледно е дека кандидатите им се обраќаат на своите членови и поддржувачи, а не на граѓаните, кои пак од различни причини се принудени да бидат на нивните митинзи“, вели Младеновски. И додава: „Се плашам дека Македонија ќе остане длабоко потоната во Балканот, а најголем дел од граѓаните заминати во Европа, така ќе станат европски граѓани.“
Автор Анета Блажевска за https://nezavisen.mk/