АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Само Битола има туристи кои во градот остануваат по три до четири месеци, како ретко каде на друго место, велат искусни туристички работници од Битола, анализирајќи ги проблемите, состојбите со туризмот и туристичката понуда на градот.
Најбројни туристи во Битола се дефинитивно Турците, години наназад, привлечени од историските приказни за Битола и таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, за кого е подготвена спомен соба во Завод и музеј Битола. Бројките говорат дека околу педесет илјади туристи доаѓаат секоја година во посета на спомен собата на Ататурк. Туристите го посетуваат и реконструираниот Офицерски дом со прошетка на Широк Сокак и Старата чаршија.
Но, долгогодишни туристички работници велат дека како ретко каде на друго место, градот на конзулите има туристи што остануваат со месеци во градот. Тоа се нашинците од дијаспората и оставаат значителен девизен прилив во градот и државата.
„Фактите велат дека лани, до 12 април од Сиднеј и од Мелбурн беа продадени 62 илјади авионски билети само за скопскиот аеродром. За годинава немаме информации досега“, вели Миле Спировски, долгогодишен туристички работник од Битола од агенцијата „Турист“.
Она што со години назад се провлекува како проблем е што странските туристи Битола ја посетуваат само на минување, кон Скопје или Охрид. Во градот остануваат околу три часа, со прошетка по Широк Сокак и Старата битолска чаршија.
Туристичките водичи сметаа дека проблемот не е во понудата што може да ја пружи градот на туристите, туку во немање на стратегија на државно ниво и сите скалила надолу.
„Проблемот е заеднички, туризмот се работи со стратегија, а таа треба да е долгорочна. Во таа стратегија Битола е прескокната. Она на што треба да се работи со странските туроператори е Битола да не биде попатна станица, туку да биде на туристичката мапа како дестинација за подолг престој. Проблемот е националната стратегија, локалната и како на кој начин нашите туристички агенции ја претставуваат земјата на странските туроператори. Најмодерни балкански тури вклучуваат посета на Скопје, Охрид со ноќевања. Во Битола се посетуваат спомен-собата на Ататурк, Широк Сокак и продолжуваат во Кавадарци на ручек во винариите, како дел од винскиот туризам“, смета Спировски.
За подобра туристичка понуда на Битола влијае и инфраструктурата, потребно е средување на влезовите на градот од Грција, од Скопје и кон Охрид, добри патишта, осветлување, патокази, обележани туристички локации, инфо-центар…
Уште една карактеристика за туристичката слика на Битола е што најчесто ја посетуваат повозрасни туристи. Туристичкиот водич Горан Пинза вели дека туристите од Холандија кои годинава доаѓаат во нашата земја, а се најавуваат со фреквенција од 750 туристи неделно, се на возраст од 55 години и повозрасни.
„Не ни треба статистика, секој ден сме со туристите и гледаме дека се возрасни луѓе, ги има од Холандија, Турција, Полска… На овие туристи Битола им е на минување, знаат дека имаа време да прошетаа по Широк Сокак и по три часа да се вратат на паркингот кај автобусот на пат за Охрид или Кавадарци“, вели Пинза со 12-годишно искуство во туризмот.
За Битола недостаток се е сместувачките капацитети, иако во последниот период работат голем број мали хотели, недостигаат големи сместувачки капацитети, хотели кои ќе сместат по неколку автобуси туристи на едно место. Туристите кои патуваат во големи групи не сакаат да бидат сместени во различни сместувачки објекти. Поголеми хотели имаат Охрид и Скопје.
Туристичките работници велат дека Битола како понуда има добар ноќен живот и одлична храна по угостителските објекти, но сепак нема ресторан со традиционална – национална македонска храна.
Што се однесува до понудата на културни или спортски настани недостига однапред подготвена годишна програма со најавени настани, па да можат и туристичките тури да ги вметнат на пример во некој од традиционалните фестивали на Битола.
Поради целата оваа слика, ентузијасти од Битола, со цел да помогнат околу туристичката понуда на градот, втора година по ред, издаваат бесплатна туристичка брошура “Bitola City Guide 2024“. Здружението на граѓани „Дојди, види и уживај“ од Битола ја издаде печатена верзија на туристичкиот водич низ градот Битола и НП „Пелистер“, на 36 страници, средена по категории, како и интересни факти, пред сѐ за историјата на градот. За прв пат изготвена е и дигитална верзија на туристичкиот водич низ Битола – нова веб страница на два јазици, македонски и англиски. На битолскиот градски водич работеа фотографи, дизајнерите, веб-дизајнерите, лектори и преведувачи од Битола.
Анета Блажевска