2win800x200

Битолчани со кола одат на кафе на Широк Сокак и се паркираат на диво за да не платат за паркинг

Јуни 19, 2024
фото Анета Блажевска фото Анета Блажевска

БИТОЛА – Сериозна во континуитет е ситуација со диво паркираните возила низ Битола, особено во централното градско подрачје и уличките околу Широк Сокак. Платениот паркинг често е празен додека се бара начин како да се паркира во споредна уличка за да се избегне трошокот за паркирање. Возачите како едвај да чекаат да заврши училишната година да ги паркираат возилата во училишниот двор на ООУ „Гоце Делчев“, за да не платат паркинг пред Центарот за култура, пред Спортската сала или на обележан паркинг простор.

Битолчани на кафе на Широк Сокак најчесто одат со возило, па во секој момент во центарот на градот е гужва.

„Гужвата е неподнослива во летните месеци, оти секој сака на кафе да оди со возило. За жал битолчани не користат други превозни средства, не се качуваат во автобус, ретко возат велосипед. За се што прават користат возило, дури и кога одат на кафе на Широк Сокак“, вели битолчанецот Игор, вработен во угостителски објект на Широк Сокак.

Градот е проектиран на 10.000 возила, а има регистрирано од 28.000 до 30.000 возила. Минатата година во Битола беше целосно реконструиран најголемиот паркинг простор во градот пред Спортската сала „Боро Чурлески“. Реконструкцијата беше завршена на површина од 7.632 метри квадратни, согласно законските норми во државата.

Паркингот во строгиот центар на градот А зоната-чини 40 денари за првите три часа или 30 денари за првите два часа, а секој нареден по 25 денари. Дневен билет за паркирање чини 150 денари, а во поодалечените паркинзи од центарот цената е 30 денари за цел ден.

„Со сегашните навики на битолчани, повеќе работи Пајак-службата отколку наплатата на паркинзите. Возилата се користат и за најмала потреба, па централно градското подрачје е блокирано со паркирани возила. Најблиските обележани и затворени паркинзи во центарот секогаш имаат место за паркирање, а не се користат. Ново обновениот паркинг кај Спортската сала не е исполнет во текот на денот иако има обележени места и за автобуси, возила на инвалиди, за мотори и паркинг за бремени жени. Има и полнач за електрични автомобили. Наместо таму се паркира на диво најблиску до Широк Сокак, по тесни сокаци“, вели Зоран Михајловски директор на ЈП „Паркинзи“ Битола.

Она што како новина деновиве го најави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски со цел растоварување на сообраќајот во централното градско јадро е затворање на паркингот пред Центарот за култура во Битола, во најстрогиот центар на градот што е паралелен на Широк Сокак и претворање на пешачка зона.

Анета Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани