АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Автор на сторијата Анета Блажевска
По осум дена поминати во болница, битолскиот пожарникар Александар Тодорчевски – Ато(49) се врати дома жив. Зараснуваат повредите од големите изгореници на рацете, лицето, делови од грбот и бутините, но левата шака се уште е нефункционална и обвиткана со завој. И покрај нараснатите меури од изгорениците на десната рака, Ато, како што на прекар го знаат битолчани, повторно срдечно ќе ви ја стисне раката за добредојде во неговиот дом.
Тодорчевски беше повреден при гаснење на големиот пожар што на 15 јули годинава ја зафати обиколницата над Битола и секунди го делеа од смртоносните пламени јазици.
„Огнот нѐ стави во заседа. Влезени во дол нѐ обиколи како прстен. Сам влегов во огнот за да излезам од долот. Само мислев како да се спасам...трчав, адреналинот ми ги сече нозете“, се присетува Александар во разговор за АПЛА.мк.
Александар сега е со семејството. Благодарен на укажаната лекарска помош на одделот за Хирургија во Битолската болница, грижата на лекарите и медицинските сестри, посетата од градоначалникот Тони Коњановски и стотиците телефонски повици од битолчани кои му посакале здравје. Александар, пак веќе размислува за брзо да се врати на работа и да им помага на колегите пожарникари, па макар и да прима повици на телефонот 193.
Фото Анета Блажевска
Во 16 часот на 15 јули, Територијалната противпожарна единица од Битола добила дојава дека има пожар над обиколницата над Битола каде гори сува трева и нискостеблеста шума. Александар не бил на смена, но како огнот почнал да се разгорува и да зема сила, пожарникарите морале да се мобилизираат и ги повикале сите вработени на терен. Распоредени на повеќе позиции Александар со уште двајца пожарникари се качиле на ридот да гаснат.
Но, ветрот не само што го разгорувал огнот, се повеќе и повеќе, туку го менувал и правецот на движење, што станало најголем проблем. Во еден момент насочени на гаснење на една од линиите на огнот, Александар со двајцата колеги сфатиле дека се заробени во огнен обрач, во дол од карпи длабок неколку метри.
„Бевме повикани од дома некаде околу 18 часот и излеговме на терен. Огнот сакавме да го пресечеме да не префрли на другата страна на ридот, арно ама поради смена на правецот на дување на ветрот, огнот не стисна во еден дол со карпи. Се сврти огнот околу нас и ние веќе бевме како во прстен, во дупката. Огнот маваше како од бренер. Со колегите почнавме да се спасуваме еден по еден да се движиме нагоре кон карпата. Стрмен терен, па се поддржуваме со метлите, паѓавме, па станувавме, се влечевме. Јас бев последен во редот и некако успеавме двајцата колеги да се истуркаат да се искачат нагоре, јас останав“, раскажува Александар и се присетува на подадената рака од младиот колега да го извлечи и да го искачи на карпата.
Но, во тој момент вртејќи се наназад со погледот, Александар лице в лице се погледнал со „непријателот“, пламените јазици премногу се доближиле до него на само два до три негови чекори. Свесен за сериозноста на ситуацијата одлучил да ги пушти колегите да одат и преку огнот да го изоди долот од каде што претходно влегле и да излезе на веќе опожарените површини во надеж дека другата екипа што е подолу ќе го види и ќе му помогне.
Александар вели – „трчав додека ме држеа нозете и си велев и да се запалам белким ќе ме изгаснат.“
„Колегата пушта рака и ми вели дај да те кренам. Си реков како ќе ме тргни, што ако јас него го повлечам кон огнот и двата да изгориме. Го пуштив – Оди, бегај! Замижав и влегов низ огнот, да го поминам изгореното, низ теренот кој беше опожарен, а беше попристапен за минување. Паѓав, станував, додека ме држеше силата... и тогаш се изгорев, земјата беше жешка, огнот само што помина, жар... Каменот пукаше. Во еден момент паднав на колена ми се сече силата, се потпрев на рацете, изгорев“, го опишува Александар несреќниот момент.
На себе ја имал комплетната заштитна облека, но во моментите кога со колегите се влечеле нагоре по карпата ги извадил ракавиците оти со нив се лизгал при фатот, а вели секунди се броеле во борбата за живот.
Ракавиците за жал, не ги вратил назад на рацете кога решил да претрча преку огнот, оттука се и изгорениците на двете дланки. На грбот и бутините ни самиот не знаел дека има изгореници се додека не видел во болницата, па вели дека најверојатно настанале додека го претрчувал огнот, па од високата температура потта под опремата направила проблем и големи меури на изгорената кожа.
„Куртулив, Господ ми даде сила да направам нешто. Свесен останав. Се повредив, но ако дозволев да ме влечи колегата и двајцата ќе настрадавме. Се’ се случи во миг, а мене ми се чинеше како цела вечност“, вели Александар.
Битолската јавност во најголем дел сочувствува со повредните пожарникарите, во пожарите кои последователно беснееја неколку дена со ред. За битолчани, пожарникарите и сите доброволци кои учествуваа во гаснењето на пожарите се ангели и херои.
Но, она што Александар емотивно го погодува во оваа ситуација се негативните коментари на поединци на социјалните мрежи на сметка на пожарникарите кои бесчувствително немаат обзир кон нивната жртва, дека вложуваат натчовечки напори да спасат човечки животи, да ги локализираат настанатите пожари секаде каде што се појавуваат, да спасат што е можно повеќе материјални добра, имоти...
Па вели дека е нечовечки во вакви ситуации да се меша политика.
„Коментираат дека сме партиски пожарникари, дека гасиме во Комитетот, пишуваат ајде побрзајте ми влезе чадот дома, се потсмеваат, критикуваат седнати на тастатура без грам сочувство во какви сериозни ризици се изложуваме по нашите животи за да спасиме нечии живот и материјални добра. Недопустливо е, ние се бориме со огнот, тие седат пред телевизор, на тастатура, на телефон и се потсмеваат“, негодува Александар и порачува - имајте повеќе почит кон пожарникарите оти секоја наша интервенција е ризик по нашиот живот!
Овој јули за битолските пожарникари е пеколен. Пожарите на отворено, беснееја, во пожарот над обиколницата во Битола, во кој се повреди Александар беше полесно повреден и уште еден пожарникар. Огнот го гаснеа над 50 лица, од кои 35 пожарникари од ТППЕ Битола, претставници на доброволни противпожарни друштва и граѓани – доброволци. Таман во текот на ноќа беше ставен под контрола, повторно се активира, па во борбата со огнената стихија се вклучија над 100 лица. Следниот ден на 16 јули пристигна државна помош за Битола, составена од пет „Ер трактори“, од кои 3 од Дирекцијата за заштита и спасување и два од Турција кои беа дел од помошта за справување на Македонија со пожарите. Огнот пак се разгоре на кај Раштани. Пламнуваа и се гаснеа помали пожари се додека не изби пожар на ридот кај Смолево од јужната страна на Битола. Теренот застапен со шума, наместа борова, недостапен и тежок за пристап на пожарникарските екипите. Пожарот за кратко време се прошири кон Стрежевскиот канал и кон селото Буково, а за цело време висеше опасноста огнот да го зафати и Националниот парк Пелистер, што ќе добиеше катастрофални размери. Се интервенираше од воздух.
Во целата оваа несреќа, Александар вели дека опасноста од пожарите ги сплотија битолчани кои ја покажаа хуманоста и емпатијата на дело.
„Како ретко кога досега во овие пожари покрај јавните претпријатија, доброволни противпожарни друштва, се вклучија и граѓани - доброволци, многу им помогнаа на колегите кои пет дена војуваа со огнената стихија, оставени без сон. Гасеа, носеа храна и вода. После сето ова доволно е кога граѓанин ќе ве пресретне на улица и ќе ви каже благодарам! Кога децата што сте ги спасиле од пожар ќе го запомнат името на пожарникарот“, порачува битолскиот пожарникар Тодорчевски.
Денес, Александар доби ваучер од туристичката агенција ЈК Травел за летување во Грција, како мала награда и сатисфакција да го помине годишниот одмор со семејството за закрепнување од стресот и раните здобиени од пожарот.
И градоначалникот Коњановски веќе иницираше доделување награда од страна на Советот на општина Битола на вработените во Противпожарна единица, за нивното максимално ангажирање во гаснењето на пожарите и справувањето со огнената стихија над градот.
Анета Блажевска