2win800x200

Обвинителството спрема одлука за луксузната хациенда на Стрежевското езеро

Август 06, 2024
Фото ацеинда на Стрежевско езеро Апла.мк Фото ацеинда на Стрежевско езеро Апла.мк

По една година откако „Апла“ пишуваше за скандалот со изградбата на луксузната хациенда на брегот на Стрежевската акумулација, од каде цела Битола пие вода, Основното јавно обвинителство најави јавнообвинителска одлука. Она што ќе треба да се расчисти е дали некој противправно градел на локација на која не смеел?

Хациендата покрај брегот на Стрежевското езеро го привлече вниманието на јавноста, особено во Битола, откако беше објавено дека се гради во заштитената зона на брегот на акумулацијата „Стрежево“,  стратешки објект за Пелагонискиот регион и еден од најрепрезентативните капитални објекти во државата, локација која одамна е иселена заради акумулацијата. За волја на вистина, хациендата на брегот на акумулацијата не била „осамена“ во меѓувреме додека таа се градела пред и за време на корона кризата никнале уште дузина помали викенд куќи, со поглед на езерото. По ова остана нејасно како се одвивале градежните работи без никој да забележи во изминатите години? Од каде поминувале камионите со градежни материјали без никој да пријави? Со чии „амин“ бесправно никнала нова викенд населба?  

Она што ја вознемири јавноста беше прашањето - „Каде одат фекалиите и отпадната вода од хациендата, односно севкупно од сите новоизградени објекти крај брегот.“ 

Истражителите од СВР Битола по наредба на ОЈО покренаа истражни дејствија за сега една година подоцна, ОЈО од Битола да најави одлука. Детали до каде довела истрагата и што ќе следува, дали ситуацијата ќе се расчистува на суд, дали објектите можеби ќе се уриваат, или евентуално ќе добијат имот лист...останува допрва да се види.

„Во предметот се преземени повеќе дејствија. По наредба на јавен обвинител се извршени вештачења и вештите наоди се доставени во Обвинителството. Истражната постапка е во завршна фаза, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, изјавија денеска од Обвинителството за „Независен“.

Вила 3 за обајва

фото-хациенда на Стрежевско езеро

 

Хациендата е во сопственоста на позната битолска фамилија.  

Веќе е познато дека раскошната вила е на стотина метри од брегот на езерото, од фотографиите се гледа дека објектот е луксузен со отворен базен и со поглед кон езерото во прекрасна природа.

Вила за објава 1

фото-хациенда на Стрежевско езеро - наспроти браната 

 

Сопственикот на хациендата уште во 2022 година писмено барал приклучок за вода до објектот од службите на ХС „Стрежево“. Но, како што ни кажаа од јавното претпријатие не добил.

„Тој дел е забранет за градење“, рече првиот човек на ХС„ Стрежево“ Граматковски уште лани и тврдеше дека реагирал до надлежните институции.

Како што е познато, Стрежевското езеро е северозападно од Битола на оддалеченост од околу 22 км од градот под падини на Баба Планина и  планината Бигла. Акумулацијата сообраќајно е добро поврзана, се оди преку асфалтен пат од сообраќајницата Битола-Демир Хисар и од другата страна преку селото Лера. Пределот околу браната е во зеленило и со преубав поглед кон езерото.

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани