2win800x200

Битолчани летово боледуваат од респираторни заболувања како да е зима

Август 14, 2024

БИТОЛА – Битолчани ова лето боледуваат од вирусни и бактериски инфекции како да е зима. Сѐ поголем број граѓани бараат лекарска помош, заради респираторни инфекции, а веќе има и регистрирани заболени од ковид и тоа според статистиката најголем дел од нив се бебиња и мали деца.

„Од тестираните во овој период имаме потврдени случаи на ковид кај бебиња и мали деца, родени 2024 и 2023 година, иако во целост ова лето се потврдени случаи на  заболени од ковид од сите возрасни граници“, ни потврди епидемиологот Светлана Поповска Кљусева, директор на Центарот за јавно здравје во Битола.

 

Родители на тинејџери кои биле на одмор во Охрид околу Илинден велат дека секое второ дете се вратило дома болно, со температура, респираторна и стомачна инфекција.

„Децата што ги пративме Охрид на одмор околу Илинден се вратија болни, со покачена температура на 38, 5 степени, малаксаност, болки во зглобовите и целото тело, а некои и со дијареа. Вирусите лесно се проширија и на другите членови од семејството, така што ова лето се боледува како да е среде зима“, вели Наташа, родител од Битола.

Во матичните амбуланти се чека ред, а лекарите даваат совети и по телефон.

Од Центарот за јавно здравје во Битола потврдуваат дека расте бројот на респираторни инфекции, вирусни, бактериски, а се регистрирани и случаи на голема кашлица. Порастот на заболени од респираторни заболувања е во последните четири недели.

„Почнувајќи од втората половина на јули имаме потврдени случаи на ковид, по 10 на неделно ниво, додека последната недела од 5 до 11 август се евидентирани  нови  7 случаи на ковид, Факт е дека голем дел од заболените не се тестираат на ковид. Немаме потврдено случаи на грип, но во пораст се респираторните заболувања. Сепак можам да кажам дека ситуацијата е стабилна“, изјави епидемиологот Светлана Поповска Кљусева.

(А.Б.)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани