АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На гласачките места утрово најчести беа пензионерите кои уште рано сабајче излегоа да го остварат своето гласачко право. Сепак, раздвиженоста беше слаба, па поголем број гласачи се очекуваат во текот на денот. Дел од гласачите изјавија дека очекуваат денот да мине без проблеми и граѓаните да го искажат својот став, а други пак, не сакаа да зборуваат во јавноста за очекувањата.
Инаку, во општина Битола и пелагониските општини Новаци, Могила и Демир Хисар гласањето течи без проблеми. Од Општинските изборни комисии изјавија дека утрово сите гласачки места на време беа отворени и до сега не се забележани никакви проблеми.
„Точно во 7 часот беа сите 170 избирачки места во Општина Битола отворени и засега процесот се одвива нормално без никакви проблеми. Општина Битола има 82 131 гласач, од кои 71 гласач затвореници и 26 болни кои вчера го остварија своето гласачко право“, рече Ѓуро Илиќ, претседател на ОИК во Битола.
Гласањето без проблеми тече и во општина Могила каде веќе јавуваат дека до 9 часот од 5385 гласачи на гласање излегле 55 лица. Во Новаци е исто рака мирно, а на 24 гласачки места гласаат 2977 гласачи. И во Демир Хисар сите гласачки места беа отворени на време и не се забележани проблеми.