АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Француските војници кои се бореле на Солунскиот фронт (1915-1918) биле фасцинирани од издржливоста на македонската жена која за време на војната по полињата изведувала тешки физички работи за да го прехрани семејството. Ова го истакна францускиот полковник Макс Шивон, историчар и управител на Службата за историски и воени истражувања во Франција, на предавањето што го одржа во Битола по повод стоте години од Солунскиот фронт. Ваквиот впечаток го добил читајќи стотици писма кои француските војници им ги испратиле на своите роднини дома, а кои денес се зачувани во историските архиви во Франција.
-Интересен е податокот дека во стотиците писма кои ги прочитав скоро сите војници се фрапирани од судбината на македонската жена во овој регион. Она што ги фрапирало е нејзината издржливост, работливост, во услови на војна да го прехрани смејството. Војниците забележале дека жените често ја работеле целата физичка напорна работа по нивите. Биле изненадени зашто и самите доаѓале од земјоделски подрачја, биле земјоделци, но не виделе толкава упорност и издржливост на друго место- вели Шивон.
Но, писмата ја отсликуваат и потчинетата положба што жените во тоа време ја имале во однос на мажите..
-Во неколку од нив е раскажан случај за босонога жена која работела многу напорно на некоја нива, а маж и стоел од страна, ја контролирал и ја терал на тешка работа- додава историчарот.
На Солунскиот фронт имало француски војници колку едно Тетово
На Солунскиот фронт војувале околу 50.000 француски војници, што од сеганша гледна точка може да се каже дека биле колку што денес има жители градот Тетово. Биле предводени од францускиот генерал Морис Сарај Дел, a од нив загинале и никогаш не се вратиле во татковината. Денес на Француските гробишта во Битола почиваат 13 000 војници, од кои 6150 идентификувани. Се смета дека под крстовите има и македонски војници кои се бореле од страна на сојузничките сили за време на Солунскиот фронт.
Историјата на гробиштата започнала во 1921 година кога командантот кој бил ранет на некогашниот Солунски фронт, се вратил да ја води акцијата за пронаоѓање на телата на илјадници француски војници кои загинале на линијата на фронтот.
Ж. Здравковска