2win800x200

Тошевски тврди превозот поскапува, а Груевски дека конечно се затвора проблемот со бесплатниот школски превоз

Февруари 19, 2019

Јавниот превоз поскапува, тврди битолската опозиција , додека власта  најавува нов модел со кој конечно ќе се реши проблемот со бесплатниот превоз на ученици.

 

Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ вели дека моделот кој го нуди Општината за јавниот превоз во градот не само што ќе значи повисока цена на билетите за патниците, туку ќе изроди  и други проблеми. Претседателот на Совет, Валентин Груевски, пак смета дека со новиот модел на регулирање на јавниот превоз Општината ќе заштеди дури 8 милиони денари од бесплатниот школски превоз, пари што ќе бидат наменети за потребите на училиштата.

-После повисоките сметки на јавните претпријатија кои ги добија граѓаните, во периодот  кој следи ќе добијат и повисоки цени за услугите на јавниот превоз. Со моделот кој го нуди Петровска планира да ги субвенционира приватните  превозници  со  5 милиони денари, или со 7 денари од секој изминат километар, а од друга стана со овој нов модел се планира граѓаните да плаќаат и повисоки цени на услугите за превоз, обвини Тошевски на денешната седница на Совет.

Како пример, Тошевски ги зеде цените на автобускиот превоз  за Долно Оризари каде билетот сега е 25 денари, а новата цена ќе биде 35 денари, или за селото Лопатица  сегашната цена е 50 денари, а новата 90 денари за билет во еден правец.

-Со ваквиот начин  локалната самоуправа дополнително  ќе остави простор за работа на дивите превозници , а од друга страна дополнително ќе ги стимулира граѓаните да користат сопствен превоз што директно ќе влијае на зголемувањето на сообраќајниот хаос во градот и загадувањето кое е реалност дури и во летните месеци, рече Тошевски.

Претседателот на Совет, Груевски вели дека во јавниот превоз ќе има мало зголемување на цените , но затоа, пак се надминува проблемот со школскиот превоз и се заштедуваат пари од дотациите.

-Нашите пресметки се дека некаде околу 22 -23 милиони денари годишно троши Општина Битола и државата за бесплатниот превоз на ученици. Она што ние сега предлагаме е да ја сведиме на годишно ниво таа сума на 14 милиони денари, што значи останатите 8 милиони денари ќе бидат наменети за разни потреби на училиштата. Што се однесува до зачестеноста на сообраќање на автобусите останува се исто како што беше , со тоа што ќе има мало зголемување на цената за патниците, но ако граѓаните користат месечни претплатнички билети цената ќе биде поефтина од досега, рече Груевски .

Според него ако досега Општина Битола им плаќаше на превозниците  за учениците, на пример за релацијата Битола –Долно Оризари 170 денари, сега таа цена се сведува на 70 денари.

-Сето ова е за заштеда на парите на граѓаните . Она што Општина Битола го работеше во изманинатиот период навистина беше голем проблем. Но, во четврток на седница на Совет тој проблем се затвора, потврди Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Совет предложи да се одвојат дополнителни средства од буџетот  на Општина Битола за рефундирање на трошокот на родителите за учениците за кои во изминатиот период не беше обезбеден бесплатен  школски превоз.

-Предложивме од ставката за привремени вработувања да се префрлат 1 милион денари на ставката која  е предвидена за рефундирање на средства на родителите на учениците, рече советникот Тошевски.

Претседателот на Совет Груевски вели дека за време на избори на дневен ред на Советот  не може да се постави точка за пренамена на пари од една во друга ставка, што е случај и сега со средствата што треба да им се рефундираат на родителите на учениците за бесплатниот превоз.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани