АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Фотографии од работни простории во Фабриката за опрема и делови (ФОД) во Битолско кои се исполепени со вмровски симболи- лавови, беа испратени до редакцијата на Апла.мк. Испраќачите посочија дека симболите се изложени во вид на амблеми, постери и резбарии во работилницата кај шефовите. Реагираат дека ова е фабрика, а не партиски штаб и дека на ова место влегуваат и вработени со друга политичка припадност, па во ред е да се отстранат.
Директорот на ФОД Александар Пановски во телефонски разговор за Апла.мк вели дека до денес не слушнал, нити забележал некој да изложи партиски симболи во фабриката.
-Ако има такво нешто јас веднаш ќе го санкционирам. Во Управната зграда нема, јас констролирам. Но, мора да се има во предвид дека имаме голем комплекс , хали на оддалеченост од еден километар, па друга во Термото и некој може во секој момент нешто да стави. Воедно ние немаме имот, тој е на РЕК, а и канцелариите не ни се физички одвоени, до мојата има канцеларија на директор од РЕК, една до друга се канцеларии на службеници. Се вршат контроли, но доколку некој направил такво нешто ќе биде санкциониран- рече директорот.
По објавата на текстот на нашиот портал, попладнево директорот на ФОД ни испрати фотографии од истите простории, но овој пат без партиските обележја. Во пораките што ни ги прати по интернет потврдува дека се работи за истите простории, но за друг период, а тоа вели дека може да се увиди по бојата на бараките, на лимот и на ѕидовите.
Во текстот што го објавивме никаде не пишуваше во кој период биле ознаките поставени. Но, без разлика кога и да било тоа, дали пред неколку месеци или било кога во изминатите 11 години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, ова е државна компанија и внатре не им е местото на партиски обележја. Во продолжение ги објавуваме фотогрфиите испратени попладнево од ФОД, за читателите да имаат појасна слика.