2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Трогателна порака на Милчо Манчевски за Денот на книгата и авторското право

Април 23, 2019

Денес, кога сѐ помалку ученици има по училишните библиотеки и сѐ помалку читатели во градските, кога дел од населението на читањето гледа како на денгуба, а децата кои читаат се исмејувани меѓу врсниците, кога интернетот се обидува да ги истисне книгите од живот на луѓето, сепак битката за вредноста на книгата не е загубена. И нема да биде загубена се додека има луѓе, интелектуалци, кои постигнале многу во животот, а за книгите уште раскажуваат дека им досеганле во срцето. Надежта ја враќа пораката на македонскиот режисер Милчо Манчевски по повод Светскиот ден на книгата и авторското право.

 

 Порака на Милчо Манчевски, режисер, писател, фотограф

по повод Светскиот ден на книгата и на авторското право УНЕСКО

 

23 април 2019

 

                11 Јуни 1967. Мојата прва школска година заврши вчера. Прв ден од летниот распуст. Нема школо три месеци. Другарите се радуваат.

                Иако не морам да одам на школо, дедо ми ме буди сабајлето. Си сакав да одам на школо. Не научив да читам и пишувам на школо - знаев да читам и пишувам и кирилица и латиница од четири години, две-три години пред првиот школски ден.

                Заправо, јасно се сеќавам на тој прв училишен ден. Татко ми и јас седиме на десната страна во училницата со другите ученици и родители, ја чекаме учителката. Досадно ми е и земам „Нова Македонија“, вртам кај крстословката и почнувам да ја решавам.

                Девет месеци подоцна, школската година заврши и другарите одат да играат фудбал. Јас не одам со нив. Наместо тоа, тргам на пат многу долг за едно дете на седум години. Одам сам. Одам дури до Поштенска гаража. До таму ми требаат добри дваесет минути. Не одам таму за поштенските камиони. Одам за малата дрвена барака паркирана пред гаражата. Внатре има книжарница и долго време ги разгледувам книгите на полиците. И најпосле го бирам „Аловото цвеќенце“ од Сергеј Аксаков, книга според стара руска сказна. Уште ги паметам корицата и форматот. Ја гушкам книгата и ја носам дома со пеперутки во стомакот. Ми требаше книгава да го пребродиме летниот распуст. Или барем да биде првата од многуте книги кои го прават летниот распуст.

                Не е само дека ми се допаѓаа книги или дека сакав книги. Ми требаа книги онака како што на птица ѝ треба воздух или на тревка ѝ треба сонце.

                Знаеш, мајка ми умре четири месеци пред да тргнам на школо. Не се сеќавам на точните чувства кога разбрав дека умрела, ама мислам дека неверица и беспомошност секако беа дел од нив. Како наеднаш да ме беше понела водата и не можам да се закотвам. Ни татко ми, ни бабите и дедовците не можеа многу да помогнат, колку и да се обидуваа.

                Ама, имаше еден свет што ми помогна да си го најдам местото - книгите. Книги, стрипови, книги за деца, книги за возрасни, бајки, кратки раскази, митови и легенди, приказни за каубојци и индијанци, секакви книги... Со саати, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев нив. Ги живеев книгите во вистинската смисла на зборот. Со саати ќе мислев за тоа што значи некоја реченица и како се поврзува со она што веќе го знаеме во приказната. Или ќе го замислував светот надвор од квадратите на стрипот, обидувајќи се да поврзам цртеж со цртеж. Развивав цели предистории за приказните и луѓето што ги населуваа книгите кои ги читав, знаев што се случува во градчето таму надвор од пенџерето на хотелската соба над салунот во цртежот од стрипот или што ќе му се случи на Том Соер откако ќе заврши книгата.

                Книгите ми помогнаа да си ја повратам рамнотежата и да си го најдам местото во светот. Не е важна само информацијата што ја добиваме од книгите - иако информацијата која се пренесува од колено на колено е она што ја прави цивилизацијата цивилизација. Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето. Чувството на припаѓање. Припаѓање на свет кој е исто толку богат и важен колку оној во кој престојуваат твоите крв и месо.

                И открив дека тоа припаѓање беше клучно за мојот опстанок тогаш. И откривам дека е клучно за мојот опстанок сега.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани