АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Она што е најважно во сите наши намери, тенденции, никогаш да не се заборави дека честа е поскапа од парите, порача градоначалничката Наташа Петровска во своето јавно обраќање на прослава по повод 4 –ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.
-Битола е градот во чии прегратки растеа многу уметници, академици, научници, доктори, професори, хуманисти, наградувани, многумина кои ги скршиле временските рамки со своите дела. Во оваа прилика им честитам на сите добитници кои чисто, искрено, безрезервно, недвосмислено, својата енергија и умешност ги вложиле за доброто на Битола, битолчани и човештвото воопшто. И како што е библиски запишано, неуморувајте се од правење добро, така да се однесуваме. Она што е најважно во сите тие намери, тенденции, никогаш да не се заборави дека честа е поскапа од парите- рече Петровска.
Таа од салата во Народниот театар, која беше преполна со гости, па дел стоеја и простум, се осврна на својата визија за Битола.
-Битола во моите очи е град на кој треба да и се врати конзулскиот сјај , космополитизмот да доживее ренесанса, нам ни требаат повеќе уредени улици, средени паркови, повеќе градинки, поубави училишта, модерни пазари, разиграна чаршија, ведар Широк Сокак. Во иднина ги гледам спортските терени и разиграноста во нив. Неуморно, со верба, љубов и подадена рака кон нови достигнувања , нашите бисери Пелистер, Хераклеја, нашата местоположба Пелагониското поле, архитектурата, нашата раскошна историја, покажуваат на огромни можности за многу бројни насмевки на туристи, за отворање на Битола кон светот и влез на светот во Битола- додаде градоначалничката.
Понатаму истакна дека треба да направиме Битола да биде дом за битолчани, да не ни заминуваат децата зашто во секој од нас горат стиховите „за Солуна, за Стамбола, Битола не давам“..
За 4 –ти Ноември рече дека е историски бедем на нашата борба, непрегор, симбол на вербата за поубаво утре. Додаде дека и денес одекнува оној 4 ти Ноември 1944 година кога Седмата македонска бригада гордо, победнички, радосно маршираше по нашиот Широк Сокак бележејки крај на нечие човеково лудило. Тие луѓе, непоколебливо борци на своите плеќи, со своите жртви ни го донесоа највредното, слободата. Ги спомна непоколебливоста на Карамнади, непокорот на Стив, мудроста на Карангелевски, непрегорот на Тунелот, храброста на Таки Дасаклот и многумина нивни соброци, кои ни овозможија да бидеме свои на своето, да имаме ведро небо.
Ова беше прва прослава по повеќе години на која од сцена беа споменати имињата на партизаните кои загинаа за слободна Македонија. Од сцената по долго време прозвучија и слободарски песни во изведба на мешниот хор при КУД „Стив Наумов“. Меѓу нив и маестралната изведба од страна на хористите на песната „Таму, ле мајко близу Битола“, напишана од Ајри Демировски, а посеветена на херојската смрт на Таки Даскалот и Елпида Караманди.
Само два дена по ослободувањето на Битола, на 6 ноември 1944 година, бил формиран мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“ од хорот кој го сочинувале борците на Седмата бригада и хористи од хоровите „Ѓорги Сугарев“, „Кајмакчалан“ и „Мокрањац“.