Подвигот на битолските праведници Борис и Васка Алтипармак

Јули 14, 2019

Борис и Васка Алтипармак се запишани на Почесниот ѕид на праведниците во Јад Вашем, Израел, кој е меморијален центар за Евреите погубени во Холокаустот. Тоа се битолчани кои во виорот на Втората светска војна успеале да спасат четворица млади Евреи од депортација во логорите во Полска. Од благодарност кон нивната хуманост, Израел пред 28 години им ја додели титулата „Праведни меѓу народите“, медали и сертификат на честа.

Денес тие се покојни, но нивните имиња, ќе останат вечно запишани на ѕидот во „Градината на праведниците“, каде стои врежано и името Македонија на хибри, англиско и македонско писмо.

 За пожртвуваниот подвиг раскажува нивниот син Владо Алтипармак, велејќи дека ги сокриле Евреите во нивната куќа иако била во близина на полициската станица. Со тоа ги спасиле сограѓаните Самоил и Соломон Садикарио, браќата на познатиот професор Аврам Садикарио, Алберт Русо и Алдрет Касорла..

-На 11 март 1943 година четворицата успеаале да ја избегнат блокадата на еврејското маало. Оделе и брале помош, но никој не им пружил, дури по патот биле и ограбени. Знаејќи дека татко ми беше поврзан со скоевската организација, отишле кај него. Му рекле „ти ни си единствената надеж“. Сите ги прибрал во куќата иако била во близина на полициската станица. Ги сокрил во големите плакари за облека вдлабнати во ѕидот. Преку месец дена го делеле стравот да не бидат откриени, тагата за судбината на родителите - раскажува Владо Алтипармак.

Откако успеале да воспостават врски со партизаните, мајката на Владо, Васка Алтипармак, еден по еден ги префрлила надвор од градот до друго лице кое ги однело во партизани. Се приклучиле кон одредот „Даме Груев“. Во борбите двајцата од нив загинале. Едниот под браќата Садикарио кај Куманово, а другиот на Сремскиот фронт. Војната ја преживеале Алберт Русо кој потоа заминал во Риека, а Касорла во 50-те години од минатиот век емигрира во Израел.

Израелската држава никогаш не го заборавила делото на битолските праведници , па во 1991 година ги повикала на свечена церемонија во Јад Вашем.

-Сите трошоци за 400 праведници од цел свет ги сноси еден Евреин, филантроп од Америка, Харви Сармер. Им ја покажа секоја значајна педа земја од која потекнуваа луѓето за кои тие си ги ризикуваа животот. Ги имаше сместено во хотелот Хилтон во Ерусалим. Таму бевме кога се славеше денот на независноста на Израел, присуствуваме на свеченоста со дипломатски кор, најголемите државници- се присетува нивниот син.

Од Македонија биле депортирани над 7000 Евреи, а само петмина Македонци кои им помогнале се прогласени за праведниците. Давјцата кои веќе ги споменавме и уште Богоја Силљановски, Трајко и Драгица Рибареви.

-Тие беа совеста на општеството. Нобеловецот преживеан од Холокаустот, Ели Визел запишал „во тие времиња сите врати на смилување изгледаше дека се затворени. Убијците убиваа, Евреите умираа, а надворешниот свет усвои однос или на сочуство или на рамнодушност. Само малку имаа храброст за грижа. Она што најмногу ги повреди жртвите не беше угнетувачот, туку молкот на очевидците. Ние мора да учиме од доблесните луѓе кои направија морален избор и им помогнаа на Евреите’’-вели Алтипармак.                                                                                                                                                                                                                                                       Ж.З.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани