АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолскиот велосипедист Јовче Даскаловски од клубот „Екстрим бајк тим Битола“ на Државниот шампионат во спуст во Грција успеа да победи во дисциплината сингл краун.
Тоа е екстремно спуштање по планинска патека со велосипед кој има поразличен амортизер на предното тркало. Натпреварот се одржа во Костур, а битолчанецот стана шампион во конкуренција од 50 професионални велосипедисти, претежно грчки бидејќи беше национален куп, но се дозволи и слободно учество на други натпреварувачи.
„Возевме по патека која е една од најдобрите и најкомплетните на Балканот, со преку 20 солидни скокови, некои од нив преку 15 метри далечина со три метри висина, скокови кои бараат голема умешност и искуство. Висинската разлика од стартот до целта беше 200 метри, а должината на патеката 2,1 километри“, вели Даскаловски.
Од нашата земја учествуваа само четворица натпреварувачи, сите од битолскиот клуб и тоа: Јовче Даскаловски, Мартин Цветановски, Александар Фидановски и Виктор Јовановски. Покрај успехот на Даскаловски, на четврто место се пласира и Цветановски. Велат дека биле пречекани како големи пријатели без никакви провокации или зaбелешки со оглед на политичката ситуација.
„Нашите односи со велосипедистите и организиратори на натпреварот се за пофалба и без замерки. Велосипедисти од Грција беа дел од нашиот натпревар што се одржа на 1 и 2 јуни годинава на Пелистер. На тој начин ние градиме пријателство што е наша цел како клуб со што е можно повеќе клубови од различни држави. Организаторите во повеќе наврати ни се заблагодарија јавно пред публиката за нашето учество што нас премногу нѐ изненади. Ние како тим гладиме и стимулираме свест за различност“, вели Даскаловски.
Тој годинава слави единаесет години откако го купил првиот планински велосипед. Вели дека возењето низ планинските терени за него е живот. Прекумерниот адреналин искомбиниран со висока контрола на нешто нескротливо, доведува до тоа овој спорт да создава тешка зависност. Мора редовно да се тренира, а условите во Битола за спуст се отежнати.
„За редовни тренинзи потребно е да работи жичницата или ски-лифтот, а во Битола работат само во зимска сезона. Без нив не може во никој случај. Тоа е основата на спустот како спорт. И покрај отежнатите услови за тренинг, горди сме што нашиот тим на сите натпревари низ Балканот бележи резултати. Тоа е таа наша мајсторија – скромни бајкери од Битола со малку услови за напредни тренинзи, но со висока почит кон спортот и усвитена страст ко велосипедизмот. Тоа нѐ мотивира , нѐ движи напред, нѐ прави поконкурентни“, вели битолскиот шампион.
Ж. ЗДРАВКОВСКА