АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По една деценија Територијаната противпожарна единица од Битола доби ново возило за гаснење пожари. Возилото „ивеко“ е наменето за интервенции во урбани средини, посебно на места каде што има тесен простор за движење како што е населбата Баир, каде пред три години пожарникарско возило гаснејќи пожар во една удри и демолираше друга куќа.
„Во Противпожарната единица стигна возилото по една деценија, во единица каде просечната старост на возилата е над 30 години. Цената е 97 000 евра и ова е надополнување на она што го започнавме минатата година кога за опрема беа вложени 60 000 евра, или вкупно во овие две години се вложени 157 000 евра кои придонесуваат за создавање на подобри услови за пожарникарите, гаранција на нивната и безбедноста на граѓаните“, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Единицата ги покрива потребите на општините Битола, Могила и Новаци, а по потреба помага и во Ресен.
„Самото возило му дава можности на пожарникарот да бира две-три опции на ганење, дали ќе гасне со вода или со пена, без додатни интервенции. Со ова возило капацитетот и креативноста на единицата далеку се подобрува“, рече Костадин Поповски, командир на ТППЕ.
Возилото е обезбедено по барање на Општина Битола преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
-Ги следиме барањата на општините и во координација со градоначалниците работиме на подобрување на животот на граѓаните од Пелагонискиот Регион. Денес го промовираме возилото чија вредност е околу 6 милиони денари со вклучено ДДВ. Дел од тие пари 3 300 000 денари се обезбедни преку Министерство за локална самоуправа и Бирото за рамномерен развој, останатиот дел од преку 2,7 милиони денари се кофинансирање од Општина Битола што ја покажува посеветеноста на градоначалничката во решавањето на овие значајни сегменти за подобрување и јакнење на капацитетите на противпожарните единици“, рече Гого Видимче, раководител на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
За Противпожарната единица која години назад кубуреше со човечки кадар, обезбедени се согласности за 15 нови пожарникари, како и за уште тројца, но тие ќе бидат вработени по изборите. Од Противпожарната единица велат дека во моментот располагаат со 35 пожарникари, па ако продолжи ваквиот тренд ќе стигнат до потребната бројка на човечки кадар. Општината започна и со постапка за легализација на објектот каде е Пожарната, најстара противпожарна бригада на Балканот, опстојува 184 година, а никој претходно не се сетил да го легализира објектот каде е сместена.
„Се легализира и објектот, од кои причини до сега не било направено тоа , не знаеме. Оваа локална самоуправа го покрена и тоа прашање зашто треба да се случат реконструктивни зафати во самиот објект, а и да се искористи и маркицарта во касарната зашто се работи за голема општина“, рече Петровска.
Ж.З.