2win800x200

Фондот на браќата Манаки еден од најбараните на Балканот

Март 05, 2020

Димитар Ѓоргиевски, помлад соработник во Историскиот aрхив во Битола, е задолжен да го обработува и штити фотографскиот фонд и другите лични материјали останати од првите сниматели на Балканот, браќата Манаки. Тој вели дека фондот на Манаки е еден од најбараните фондови за истражување како на национално, така и на интернационално ниво на Балканот, а и истражувачи od секаде низ светот се интересираат и го истражуваат.

dimitar

„Ја имам честа и одговорноста да го обработувам фондот на браќата Манаки. Освен филмскиот материјал кој се чува во Кинотеката на Македонија останатиот материјал како лична документација и сиот фотогрaфски материјал се наоѓа кај нас. Се грижиме за него. Грубо кажано околу петтина е дигитализиран од фотографиите на стаклени плочи. Се почна со негова дигитализација зашто најквалитетниот материјал се наоѓа на самите плочи“, вели Ѓоргиевски.

Во иднина за да продолжи побрзо и поопсежно дигитализирање потребни се повеќе средства.

„Во иднина се надеваме дека ќе ги обработуваме целиот материјал и филмовите како и оригиналните фотографии изработени во студиото на браќата Манаки и личната документација. Тоа е еден долг процес што не може да се забрза ако не се добијат повеќе средства и во луѓе и во опрема. Засега темпото е тоа, постигнуваме колку што можеме“, додаде Ѓоргиевски.

Денес со полагање на свежо цвеќе се одбележаа 56 години од смртта на Милтон Манаки. Инаку, годинава се одбележуваат уште два јубилеја поврзани со браќата Манаки, и тоа 140 години од раѓањето на Манаки и 115 години откако ја донесоа камерата Триста во Битола и го отворија фотографското ателје.

„Како деца често пати шетајќи по Корзо ќе поминувавме пред друќанот на Милтон, каде што живееше  на Маршал Тито број 102. Во неговиот дуќан постоеше голема светилка од 500 свеќи. Постојано светеше и беа наредени фотографии од целиот негов опус. На прозорецот често ги гледавме, а кога беше отворена вратата внатре влегуваме и ни раскажуваше како успеваше да навлези меѓу нашите борци да ги фотографира, а подоцна и да ги сними со камерата која ја имаше набавено неговиот брат Јанаки. Кажуваше дека имал посебна дозвола од турските власти да може да се движи неограничено. Му помагаше и тоа што со наградите од Романија беше наречен и кралски фотограф“, рече Стевче Хаџиантоновски, претседател на Кино клубот „Браќа Манки“.

Градоначалничката Наташа Петровска рече дека браќата Манаки оставија голем белег да можеме како град да се промовираме на интернационално ниво, но тоа е и обврска како град да го чествуваме и продолжуваме нивното дело преку одржување на двата фестивали.

Ж.З.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани