АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ОУ„Климент Охридски“-Битола започна преку интернет да го поттикнува и учењето од дома кај своите ученици за време на принудниот распуст поради ситуацијата со корона вирусот. На овој начин на едукација не се вклучени само наставниците од прво до петто, туку и предметните наставници од шесто до деветто одделение.
Родители чии деца учат во ОУ „Климент Охридски“ велат дека нивните деца продолжуваат со настава од дома преку интернет содржини. Иако тоа не е како што би било да се на редовна настава, но како што велат се многу задоволни што нивните деца учат и се ангажирани во текот на денот додека седат дома.
-Моето дете од понеделникот е во група на интернет каде наставниците им предаваат од наставните содржини, им задаваат домашни задачи и ги упатуваат како да продолжат со учењето без да изгубат континуитет. Така моето дете има обврски во текот на денот, додека седиме дома. Премногу сме задоволни од ангажираноста на наставниците, вели родител на ученик од шесто одделение од ОУ „Климент Охридски“.
Ваквиот начин на работа на наставниците од ОУ „Климент Охридски“-Битола за Апла.мк го потврдува и директорката Гордана Анастасова.
-Со брзото ширење на коронавирусот и прекинот на воспитно-образовниот процес, наставниците самоиницијативнио започнаа со задавање на едукативно креативни содржини преку интернет, со цел учениците да не заостануваат со наставата и да можат од дома да го совладуваат наставниот материјал.
Наставниците од одделенска настава преку групите за комуникација со родителите споделуваат упатство за работа од дома, наставните содржини објаснети преку презентации, работни листови...Од учениците се бара да ги испраќаат изработените задачи со цел проверување и овозможување повратна информација. Додека дел од наставниците од предметна настава преку своите веб страни, блогови и групи на Фејсбук на кои на учениците им се достапни сите содржини им помагаат за да продолжат со учење од дома, изјави директорката Анастасова.
Од голема помош на наставниците им се и содржините поставени на веб страната на Општина Битола- платформата „Домашна училница“ во која има голем број на содржини од наставници од нашето училиште, вели Анастасова додавајќи дека преку платформата учениците учат, а наставниците соработуваат и разменуваат идеи.
-Можеби успехот на ваквата настава не е на исто ниво како кога би биле во редовна настава, но придобивки секако има – континуитет во учењето и мали пропусти кои покасно многу полесно ќе се отстранат отколку ако нема никаков облик на настава, рече Анастасова.