АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Речиси 10 милиони денари треба да исплати Општина Битола годинава за основа и камата за задолжувањето што бившата локална власт на ВМРО-ДПМНЕ го зеде за изградба на инфраструктурата во поранешната касарна во Битола, каде се гради новата населба „Златен рид“.
Кредитот земен од екс градоначалникот Владимир Талески во 2015 година, граѓаните на Битола треба да го исплаќаат до 2030 година.
-Отпочнува отплатата на кредитот што претходната општинска власт го зеде за изградба на улици во касарната, откако парите од комуналиите беа потрошени за инфраструктура во индустриската зона „Жабени“. За враќање на основицата треба да се платат 7 799 155 денари и плус 1 576 151 денари за камати, изјави градоначалничката Петровска.
Парите за изградба на инфраструктурата во новата населба беа земени како подзаем од Министерството за финансии, а финансирани од Светска банка, иако Општината од комуналии и од продажба на земјиште во поранешната касарна, собра 5,2 милиони евра. Ама, за волја на вистината, не ги вложи во новата населба туку во ИЗ „Жабени“.
На „Златен рид “ бившата власт не успеа да ја изгради инфраструктурата според планот, па жителите се уште газат во кал пред своите згради и се опколени со купишта ѓубриште и градежен шут.