АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општина Битола, јавните претпријатија: „Водовод“, „Комуналец“ и „Нискоградба“ и три приватни фирми, денес, по повод Меѓународниот ден на планетата Земја, организираа акција за расчистување на диви депонии со цел преку заеднички и организиран пристап да се придонесе кон почиста животна средина и да се подигне еколошката свест кај населението.
На дел од просторот на поранешната Касарна и зад зградата „Аурум“, беше собрана голема количина отпад, која беше отстранета со 12 тури од камионите на јавните претпријатија и со 3 камиони од приватните фирми, кои покажувајќи ја својата грижа за почиста животна средина, доброволно се вклучија во акцијата.
За време на акцијата, на терен присуствуваа и градоначалникот Тони Коњановски, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски и директорите на јавните претпријатија, кои најавија продолжување на ваквите акции и следниот викенд, со цел расчистување на јавните површини, каде што се создадени диви депонии.
Општината и јавните претпријатија, заедно со приватниот сектор, училиштата, месните и урбаните заедници, невладиниот сектор и други заинтересирани субјекти и оваа година ќе бидат дел од големата акција „Генералка викенд“ која се спроведува во повеќе општини во државата, а во Битола ќе биде организирана на 12 мај.
Сепак, останува апелот до граѓаните, да не дозволуваат создавање на нови депонии, кои претставуваат голема опасност за животната средина.
Денот на планетата Земја, како празник на единствениот дом на сите живи суштества, за првпат е одбележан во САД во 1970 година, а 22 април е прифатен како ден на планетата Земја на Конференцијата на Обединетите нации за животна средина во 1992 година во Рио де Жанеиро. Имајќи предвид дека, еколошките проблеми стануваат се поголеми, потребно е човекот да посвети доволно внимание во зачувувањето и заштитата на животната средина и одржливиот развој, затоа што неодговорното однесување, големите количини отпад и нерационалното користење на природните ресурси се закана, како за раститенијата и животните, така и за човечкиот род. Токму затоа, одговорноста на секој поединец е од големо значење за одржување на здрава и чиста средина, во која ќе имаме квалитетен живот.