АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Митко, Златко, Орце, Менче се само дел од имињата на гостите испишани на хартиени ливчиња кои како резервации беа поставени на масичките крај лежалките и чадорите за сонце на плажите во Охрид. За време на продолжениот викенд во Охрид се случи да бидат резервирани и цели плажи, а туристите да не можат да добијат лежалка и чадор за сонце зашто некои до концесионерите дозволија да се направат резервации од претходната ноќ. Дел од гостите имаа привилегија да пијат нескафе во кафуле, а на сметка на тоа да имаат и резервација на плажата, па да држат две места со цех од 200 денари, додека за другите туристи немаше место да седнат на плажите. Ова предизвика голем метеж посебно во стариот дел на Охрид, редици од гости се шетаа лево-десно барајќи место да се стационираат и изладат во водите.
Истата слика се повтори и вечерта кога сите маси со убав поглед кон Езерото по рестораните беа резервирани уште од утрото. Игла немаше каде да се фрли изминатиот продолжен викенд во Охрид. Туристите со ваучери ги преполнаа хотелите и вилите, а малкумина угостители работеа само со пари во кеш. Од една страна величенствен поглед од кој запира здив врз езерската шир од Канео, Плаошник, Самуиловите тврдини... Од друга страна, тоалети по некои плажи каде лоша реа се ширеше десетици метри околу. Синилото на езерото, чистиот воздух, бисерните камчиња и лименките и влажните марамчиња неисчистени по плажите од претходниот ден.
На дел од плажите се држеше дистанца, а имаше и такви каде поради метежот се нудеа лежални, но без чадор за сонце зашто сите веќе беа закупени. На плажите никој не носеше маски, додека низ улиците во стариот дел на Охрид и во чаршијата повеќето од минувачите ги користеа. Во услови на пандемија од ковид-19, дискотеките не работеа, но продолжија журките на чамчи и кајаци со коктели. Имаше и семејни прослави по дворови со музика, многу гости и алкохол, како и младешки забави низ шумите под тврдините каде маските се носеа само на рацете.
Во недостиг на слободно место, а во потрага по нови локации дел од туристите заминаа на албанскиот дел од Охридското Езеро. По граничниот премин после Свети Наум прва дестинација е Тушемишта од албанска страна. Мстото позитивно изненадува. Чисти плажи со ситна песок, плитко езеро со десетици метри погодно за мали деца, прекрасно зајдисонце, ресторани за риба каде охридската пастрмка е за 700 денари поевтина од онаа во Охрид, а има и места за паркирање.
Многу нови сместувачки капацитети по евтина цена, а за вечерна забава многу блиску е Подградец. По рестораните има келнери кои зборуваат македонски јазик, а може да се плаќа и во денари. Локалното население одгледува зеленчукови растенија, како и лешници и бадеми и можат да се набават по многу евтино, а се еколошки и многу вкусни. Месото има парк налик на Свети Наум каде се наоѓаат извори на Езерото.
Целото крајбрежје од албанска страна е долго околу триестина километри од граничниот премин кај Свети Наум до Кафасан. Патот е обновен и широк со патокази, за разлика од македонската страна по преминот кај Кафасан каде сите патокази се уништени или исчкртани па енигма е кој пат води за Охрид. Воедно патот е со дупки, а хоризонталната сигнализација одвај се гледа..
Ж.З.